Народна банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, од 4% на 4,25%

Народната банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, односно од 4% на 4,25%. Одлуката, како што информираат од таму, се заснова на најновите податоци и информации и согледувањата за ефектите врз домашната економија од светските случувања.

„Во однос на сегментите коишто се клучни за монетарната политика, од почетокот на годината беше забележана поголема побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, што услови поголемо присуство на Народната банка на девизниот пазар.

Од почетокот на мај се бележи стабилизација на побарувачката на девизи, а најновите информации носат поголема извесност за скоро смирување на конфликтот на Блискиот Исток. Сепак, економските последици од геополитичките случувања се присутни, а неизвесноста околу темпото на целосната стабилизација на тековите и понатаму создава ризици,“ велат од Народна банка.

Од таму потенцираат дека постојат и притисоците врз инфлацијата.

„Имено, во мај годишната стапка на инфлација забави во согласност со очекувањата, но таа и натаму е на повисоко ниво и укажува на продолжена инфлација и побавно враќање кон историскиот просек. Истовремено, и дел од домашните фактори коишто влијаат врз побарувачката и инфлацијата уште повеќе ја нагласуваат потребата од претпазливост при водењето на монетарната политика.

Во такви услови, беше оценето дека умереното затегнување на монетарната политика, заедно со досегашните измени кај останатите инструменти – задолжителната резерва и макропрудентните мерки, ќе придонесат за одржување на стабилноста на девизниот курс, за стабилизирање на инфлацијата и за зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијаат и врз кредитните услови во економијата,“ се вели во соопштението.

Од Народна банка потсетуваат дека како резултат на засилените инфлациски притисоци во еврозоната, на последниот состанок на ЕЦБ каматните стапки беа зголемени за 0,25 п.п., што претставува дополнителен фактор што се зема предвид при носењето на домашните монетарни одлуки.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести