Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши најавија дека турската компанија „Џаво отомотив“ ќе инвестира 20 милиони евра во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Тетово, при што ќе бидат отворени 500 работни места.
Компанијата произведува безбедносни системи, контролни кабли и механизми за водечките светски производители во автомобилскиот сектор.
„Станува збор за браунфилд инвестиција, односно компанијата ќе започне со закуп на постоечки објекти со површина од 8.000 квадратни метри, а согласно нејзиниот развоен план, капацитетите ќе се прошируваат до 21.000 квадратни метри до 2028 година.
Во првите пет години, односно во периодот од 2026 до 2030 година, компанијата планира да инвестира околу 20-21 милион евра.
Оваа инвестиција ќе донесе и нови можности за вработување. Според бизнис-планот на компанијата, ќе бидат отворени помеѓу 400 и 500 нови работни места, во моментите кога компанијата ќе го добие својот полн сјај. Планот на компанијата е извозот да стигне до 45 милиони евра годишно,“ рече Мицкоски.
„Џаво отомотив“ произведува во Турција и Словачка, а со новата инвестиција што ќе биде реализирана во ТИРЗ Тетово, се планира целокупното производство да биде пренесено во Македонија.
Оваа одлука, според Дурмиши е силен сигнал за довербата во македонската економија.
Фото: Unsplash












