Синево Македонија одбележа 25 години постоење, јубилеј што претставува значајна пресвртница не само за компанијата, туку и за развојот на современата лабораториска дијагностика во земјата, информираа од таму.
По тој повод беше организиран свечен настан на кој присуствуваа лекари, здравствени работници, деловни партнери, соработници, пријатели и вработени кои во различни периоди биле дел од развојот на компанијата.
Осврнувајќи се на изминатите 25 години, Маја Тодоровска, управител и генерален менаџер на Синево Македонија, истакна дека најголемото достигнување на компанијата не се технологиите, инфраструктурата или бројките, туку довербата што пациентите и лекарите ја укажуваат секој ден.
„Во овие 25 години научивме дека зад секој лабораториски резултат стои човек. Стои нечие прашање, нечие очекување, понекогаш грижа, а понекогаш и олеснување. Токму затоа нашата работа никогаш не ја гледавме само како лабораториска услуга, туку како одговорност кон пациентите и лекарите кои ни го доверуваат најважното, своето здравје.
Горди сме што бевме дел од развојот на лабораториската дијагностика во Македонија, но најмногу на довербата што ја добивме од генерации пациенти. Таа доверба е причината поради која постоиме и нашата најголема обврска за иднината“, изјави Тодоровска.
Приказната на компанијата започнува во 2001 година со основањето на Адриалаб, една од првите приватни биохемиски и првата приватна микробиолошка лабораторија во Македонија. Водена од визија за воведување современа, сигурна и достапна лабораториска дијагностика според највисоките професионални стандарди, компанијата низ годините континуирано инвестираше во нови технологии, стручна експертиза и унапредување на услугите.
Во 2007 година компанијата станува дел од Synlab International, а во 2013 година ја добива акредитацијата ISO 15189, станувајќи првата акредитирана медицинска дијагностичка лабораторија во земјата.
Денес, Синево Македонија е дел од Medicover, една од водечките меѓународни здравствени и дијагностички групации присутна во повеќе од 20 земји.
Во текот на изминатите две и пол децении, Синево Македонија има значајна улога во модернизацијата на лабораториската дијагностика и подигнувањето на стандардите во оваа област. Преку воведување современи технологии, меѓународни стандарди за квалитет и постојани инвестиции во знаење и развој, компанијата придонесува за побрза, попрецизна и посигурна дијагностика, обезбедувајќи им на пациентите и лекарите сигурна поддршка во носењето важни одлуки поврзани со здравјето, посочуваат од таму.















