Европскиот парламент денеска во Стразбур, Франција, го изгласа Извештајот за напредокот на Македонија, на специјалниот известувач за земјава, унгарскиот европратеник Томас Вајц.
За истиот „за“ гласаа 411 европратеници, 120 беа “против“, а исто толку беа и „воздржани“.
Освен бројните забелешки во истиот, она што е значајно да се напомене е дека во Извештајот помина и Ставот 73, кој го повикува Заедничкиот мултидисциплинарен експертски комитет за историски и образовни прашања да постигне „јасни и опипливи резултати“ со тоа што ќе ја темели својата работа на „објективни, автентични и докажани историски извори и документи“ во согласност со Вториот протокол кон Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија.
Текстот на Извештајот го содржи и концептот на „заедничка историја“.
Вајц, со амандман, се обиде да го избрише овој дел од Извештајот, но против неговиот амандман гласаа 338 европратеници, а само 126 беа “за“.
Ако неговиот амандман беше усвоен, текстотот на Извештајот немаше конкретно да го спомене Вториот протокол кон Договорот.
Исто така во Извештајот, Македонија се повикува да ја спроведе обврската за уставните измени.
Со изгласувањето на Извештајот помина и Ставот 71 кој “ги осудува сите обиди за замена на историските споменици и артефакти, вклучително и уништувањето на автентичното културно наследство“.
Во истиот се “изразува жалење за уништувањето и фалсификувањето на бугарските натписи“.
Во Извешајот меѓу друго се бара и отворање на архивите на југословенските тајни служби УДБА и КОС, „кои се чуваат во Северна Македонија и Србија“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Игор Бансколиев













