(Видео) Македонија и Албанија потпишаа договор за воспоставување заеднички гранични премини и заеднички гранични контроли

Денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за внатрешни работи на Албанија, Бесфорт Љамалари во Пешкопеја, Албанија, потпишаа договор за воспоставување заеднички гранични премини и спроведување заеднички гранични контроли меѓу двете држави, информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Со овој договор се воспоставува современа и функционална рамка за поефикасно управување со заедничката граница, со цел олеснување на движењето на луѓе и стоки, унапредување на безбедноста и намалување на времето на чекање на граничните премини.

Договорот предвидува формализирана институционална соработка, фазна имплементација преку протоколи приспособени на секоја локација, како и зајакнати механизми за координација и размена на информации меѓу надлежните служби.

Заедничките гранични процедури не само што ќе го олеснуваат протокот, туку ќе ја зајакнуваат и способноста на двете држави за справување со прекуграничен криминал, трговија со луѓе и други безбедносни ризици, преку координирано постапување и размена на информации, потенцираат од Министерството.

Имплементацијата ќе се одвива постепено и контролирано, со цел секој заеднички граничен премин да биде целосно оперативно и правно подготвен пред стапување во примена.

Со ова се заокружува процесот на воспоставување на овој систем со трите соседни земји на Македонија кои не се дел од Шенген зоната. Истиот веќе успешно функционира со Србија и Косово.

Фото/видео: МВР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести