Откако пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска учествуваше на промоцијата на платформата „Разговори за иднината во 12.05“, лидерот Венко Филипче најави дека органите и телата на партијата ќе дискутирале за нејзиното учество.
Оттука, во јавноста се постави и прашањето, дали таа ќе биде исклучена од партијата.
Денеска, Петровска преку фексбук-статус се огласи за учеството во формирањето на платформата, истакнувајќи дека изминативе денови добила многу пораки и телефонски повици со поддршка, прашање, реакција за нејзиното учество во Разговорите за Македонија.
„Ви благодарам на сите. Мило ми е што одбравте лична комуникација и соочување, наместо бегање. И токму затоа еве мој скромен личен осврт за мојот политички ангажман.
Родена сум во јануари 1982 година. 18 години подоцна станав политички активна со зачленување во Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија. 26 години политички активизам, почнувајќи од Социјалдемократската младина на Македонија, подмладокот на СДСМ.
Што ме асоцира на тоа време?
Другарство, политичка едукација, илјадници активности, поддршка на сениорите, герила акции, но секогаш против политичкиот противник, никогаш против моите сопартијци. Беше тешко за време на Парламентарните избори 2002 година, ама не се тргнав на страна.
Со моите другарки и другари се боревме и победивме. Ги паметам и Претседателските избори 2004 година, не од телевизија, туку од моето активно учество.
Се боревме и на Парламентарните избори во 2006 година, но изгубивме, но и тогаш останав во СДСМ. Не бегав, ниту калкулирав за време на Предвремените Парламентарни избори во 2008 година. Лош резултат, но останав во СДСМ.
Следеа: Претседателски избори 2009 година, Локални избори 2009, Предвремени Парламентарни избори 2011 година, Локални избори 2013, Предвремени Парламентарни избори 2014 година, Претседателски избори 2014 година.
Резултат? Непосакуван за СДСМ. Јас?
И понатаму во СДСМ, не околу, не во близина, туку во СДСМ. И таму бев и во 2015та кога почна со објавувањето на Вистината за Македонија. Многумина бегаа од СДСМ, многумина „не беа за политика“, имаа свои бизниси, градеа кариера, семејство, образование и.т.н, ама во 2017 година се разбудија. И ако, немав и немам проблем со тоа.
Бев СДСМ и за време на потпишувањето на Преспанскиот договор, бев СДСМ и за време на поптишувањето на Охридскиот Рамковен Договор. Бев, сум и ќе бидам СДСМ.
Бев дел од сите „тешки“ проекти во 2014 година кои требаше да донесат победа на СДСМ и да го срушат режимот. Во 2015 не беше баш популарно да се спие во шаторите пред Влада.
Ама и таму бев, без калкулација. Бев СДСМ и со пратениците на СДСМ, заедно, внатре во Собранието и на 24 декември 2012(6 месеци по смртта на мојот брат) бев и на 27 април 2017(4 месеци после смртта на мојата мајка). И не се каам. Ама не бев сама и не бев единствена, бев со моите другари и другарки, бевме заедно. Обединети во каузата, во идеологијата, убедени дека социјалдемократијата ќе победи.
И победи.
Но, и изгуби.
Мојата прва партиска функција беше во 2024 година, кога станав Претседавач на Централниот одбор на СДСМ. За прв пат бев номинирана од партијата за државна функција во 2020 година, дополнителен заменик министер за внатрешни работи. Потоа пратеничка, а потоа во 2022 година министерка за одбрана. И прифатив. После изгубени локални избори, после многу скандали и афери, но и помалку популарни одлуки кои беа донесени во мандатот од 2017 година, прифатив. И дадов се од себе да ја извршувам должноста министерска за одбрана достоинствено и одговорно. И тоа го направив.
Дадов се од себе и за двата изборни циклуси во 2024 година, и за локалните во 2025 година. Останав СДСМ.
Во 2024 година се кандидирав за Претседател на СДСМ. Понудив програма наречена Манифест за социјалдемократијата. Се повлеков заради кршење на принципите и правилата. Но, во моите настапи секогаш ги бранев ставовите на раководството, за да не се толкува дека опструирам. Соработував и помагав за доброто на СДСМ. Но, работите не се менуваа на подобро.
На конгрес, пред присутните делегати јасно и гласно пратив порака дека мора да се менуваме, инаку ќе исчезнеме. Со слична порака го честитав и роденденот на партијата.
Предложив ветинг на пратениците и раковдството на партијата, нема одговор.
Предложив промена на статутот заради враќање на моќта на одлучување кај членството, нема одговор.
Останав СДСМ. Моето учество во Разговорите за Македонија не е против СДСМ, туку за СДСМ. Затоа што јас сум социјалдемократ и по убедување и по дејствување.
„Големите умови дискутираат за идеи; просечните умови разговараат за настани; малите умови разговараат за луѓето.“ Еленор Рузвелт,“ пишува Петровска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото/Петровска-Фејсбук














