Албанскиот премиер Еди Рама отсекогаш бил против употребата на вето во процесот на проширување на Европската Унија, и оттука никогаш немало да го искористи ова право против Македонија.
Ова го истакнал на кампот „RinCamp 2026“ во туристичкото место Јал, на кој има и млади од Македонија.
Тој додадел дека Албанија има интерес, работите во Македонија да се одвиваат што е можно подобро и Албанците и Македонците да имаат братски и хармоничен соживот, оценувајќи дека е постигнат голем напредок.
„Демократијата не е прошетка по асфалтиран булевар, туку е пат што има кривини и пресврти. Има подеми и падови, има моменти на тешкотии, но што се однесува до нас, ние го сакаме најдоброто за Република Северна Македонија. Албанија и ако стане членка на Европската Унија нема да го користи правото на вето, во процесот на европска интеграција,“ одговорил Рама на прашање на студент.
Ветото во евроинтегративиот процесот, според Рама не му служи никому, ниту пак е европско.
„Тоа се заложнички и во суштина се неконструктивни и не се корисни за приближување на земјите кон ЕУ,“ дополнил Рама.
Фото/Влада














