Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека успешно е реализирана спасувачка акција за извлекување на тројца планинари од планината Бистрица, откако едно од лицата почувствувало сериозни здравствени тегоби на непристапен терен.
Пријавата била примена преку Единствениот повикувачки број 112 во 18:46 часот во Регионалниот центар за управување со кризи – Тетово. Според информациите, едно од лицата се пожалило на болки во градите, отежнато дишење и отежнато движење. Иако никој од планинарите не бил повреден, поради здравствената состојба и непристапноста на теренот била неопходна итна спасувачка интервенција.
ЦУК веднаш воспоставил координација со СВР Тетово, Итната медицинска помош, Дирекцијата за заштита и спасување – Тетово и Националниот парк „Шар Планина“, по што во акцијата бил вклучен и алпинист-спасител од Тимот за брза интервенција и спасување во планина.
По пристигнувањето до групата, во консултација со медицинските екипи било проценето дека лицето може безбедно, со придружба на спасителот, да се движи до пристапна локација.
На безбедното место планинарите биле пречекани од полициски службеници и екипа на Итната медицинска помош, по што биле пренесени во Клиничката болница во Тетово на лекарски преглед.
Подоцна, од Полициската станица Теарце информирале дека планинарите безбедно пристигнале во селото Лешок, каде што на лицето со здравствени тегоби му била укажана прва медицинска помош. По извршените прегледи било утврдено дека никој од нив не се здобил со повреди, а по укажаната помош биле пуштени на домашно лекување.
Фото/Unsplash














