Странски државјанин од Романија се изгубил на Матка, по неколку часовна потрага бил пронајден

Странски државјанин од Романија се изгубил при самостојно движење во реонот на Матка, во близина на пештерата Врело, на подрачјето на Општина Сарај, по што се јавил на 112 во ЦУК.

„Веднаш по приемот на пријавата, ЦУК ги презеде сите неопходни активности и ги извести Министерството за внатрешни работи (ЦИК Скопје), Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст, со барање за нивно вклучување во потрагата.

Преку континуирана комуникација со изгубеното лице, операторите на ЦУК успеаја да ја утврдат неговата приближна локација врз основа на координатите и податоците од повикот на 112, по што тие беа доставени до ЦИК при МВР за полесно и побрзо лоцирање.

На лицето му беше дадена јасна инструкција да не се движи од местото каде што се наоѓа, бидејќи поради ноќта, непристапниот терен и дезориентацијата, тоа претставувало најбезбедна опција и воедно овозможувало полесно спроведување на потрагата,“ велат од ЦУК.

Од страна на МВР – ЕВР Ѓорче Петров и Полициската станица Сарај, во координација со ЦУК, веднаш беше организирана теренска потрага. Поради непристапноста на теренот од страната на Матка, спасувачката екипа до местото се упати преку Националниот парк Јасен.

Во 03:45 часот лицето беше успешно пронајдено. Иако било видно испаничено и дезориентирано, било во стабилна здравствена состојба. По пронаоѓањето, беше пренесено во Полициската станица Сарај, каде што Министерството за внатрешни работи презема понатамошни мерки согласно своите надлежности, имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин.

Фото/Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести