До петок се доставуваат пријави за фондот од 35 книги за една библиотека, донација од „Матица македонска“.
На јавниот повик на „Матица македонска“ може да се пријават училишни и локални библиотеки и јавно достапни библиотечни фондови, а библиотека може да предложи и секој што е запознаен со нејзините потреби
Уште до петок, 7 август, трае пријавувањето на јавниот повик „Каде недостигаат книги за Македонија?“, преку кој „Матица македонска“ ќе подари фонд од 35 книги на една библиотека, во рамките на програмата „Зад датумот – овој Илинден, Македонија се чита“.
На повикот може да се пријават училишни и локални библиотеки, како и јавно достапни библиотечни фондови што работат во рамките на културни и образовни центри. Библиотеката не мора самата да се пријави – може да ја предложи и читател, наставник, родител, здружение, локална институција или друго лице запознаено со нејзината работа и со потребите на заедницата на која ѝ служи.
За пријавување не е потребна обемна документација. Пријавата треба да содржи:
– име и населено место на библиотеката;
– институција во чиј состав работи;
– приближен број и возраст на корисниците;
– краток опис на постојниот библиотечен фонд;
– области во кои најмногу недостигаат книги;
– контакт на одговорно лице.
Изборот нема да се врши преку јавно гласање, ниту според бројот на допаѓања и споделувања на социјалните мрежи. Ќе се разгледуваат реалната потреба на библиотеката, бројот и возраста на нејзините корисници, јавната достапност на фондот и можноста книгите редовно да се читаат, позајмуваат и користат.
Фондот од 35 книги нема да биде однапред составен. Насловите ќе бидат избрани според потребите на библиотеката, возраста и интересите на нејзините читатели и состојбата на постојната збирка. Тој може да опфати изданија за Илинден, македонската историја и државност, македонскиот јазик, фолклорот, книжевноста, уметноста и културното наследство, како и книги за ученици и помлади читатели.
Со јавниот повик, „Матица македонска“ настојува да создаде библиотечна целина што нема да биде само пригоден подарок, туку фонд што долгорочно ќе им биде достапен и ќе им служи на читателите. Иницијативата се реализира во годината во која издавачката куќа одбележува 35 години од основањето, во рамките на книжевно-културната програма „Зад датумот“, под слоганот „Овој Илинден, Македонија се чита“.
Пријавите и предлозите се испраќаат на [email protected], најдоцна до петок, 7 август 2026 година, во 23:59 часот.
Избраната библиотека ќе биде објавена на 12 август 2026 година.
Фото/еМагазин.мк














