Тешко оди гаснењето на Мариовскиот пожар, ние на едно место го гасиме тој на друго се пали информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Вечерва на помош ќе одат и противпожарни бригади од Скопје и Неготино.
„Одбраната на с. Крушевица беше тешка, огнот успеа да префрли преку асфалтираниот пат каде што имавме концентрирана одбрана, поради силниот ветер го загрози селото. Благодарение на неколку локални жители и на општинската власт која испрати трактори и машини за чистење на теренот, пожарникарите од Прилеп, припадниците на Дирекцијата за заштита и спасување, помош од пожарникарите од Кавадарци, воспоставена е контрола врз овој крак кој што вечерва нема да го загрози селото.
Побаравме дополнителна помош, овде се тргнати екипи од Неготино и скопската бригада кои ќе го обезбедат селото. Воедно за прв пат ова лето превентивно ангажиравме 30 војници чија задача ќе биде доколку огнот се приближи до селото, да помогнат на локалното население кое е малубројно.
Карактеристично за овој мариовски пожар е што е упатен кон битолската страна кон селото Орле, од другата страна на планината, таму цел ден работат машини и се прават противпожарни пресеки, но имаме и доволен број на пожарникари од Битола,“ информираше Ангелов.














