Голем пожар во Струмичко зафати една куќа, две жени вдишaле чад

Во близина на Струмица денеска изби голем пожар, во атарот на селата Баница и Водоча, при што претставувал закана на куќите од првиот ред, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, пожарот зафатил и една куќа. Пожарникарите успеале да спасат две жени, кои за среќа не се повредени, но поради вдишување чад биле пренесени во струмичката болница со возило на Итната медицинска помош.

Поради опасноста, дел од жителите морале да бидат евакуирани. Една жена, која одбивала да ја напушти викендичката, била принудно евакуирана.

На терен моментално интервенираат пожарникари од ТППЕ Струмица, Радовиш, Валандово и Гевгелија, како и екипи на ДПД „Турија Кристал“ од Василево.

„Во врска со пожарот кој попладнево изби меѓу населените места Баница, Водоча и месноста Софилар, Ве информирам дека ги преземаме сите потребни мерки. Надлежните служби се на терен и работиме на негово гаснење.

Ве повикувам да останете смирени бидејќи сите кои во моментов се на терен се координирани и работат согласно ситуацијата, а сите конкретни информации ќе бидат споделени официјално.

Во деновите што следуваат, поради високите температури и зголемената опасност од пожари, апелирам да бидете особено внимателни и одговорни. Да избегнуваме какви било активности што можат да предизвикаат пожар и со заедничка одговорност да придонесеме за заштита на нашата безбедност и на природата,“ напиша струмичкиот градоначалник Петар Јанков на Фејсбук.

Фото/Дирекција за заштита и спасување

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести