Долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски за преживеаните во пожарот во Кочани синоќа беше прикажан во рамки на фестивалот „МакеДокс“. Проекција за која се бараше карта плус, и за која Куршумли Ан беше исполнет до последно место.
Тоа што насетував дека филмот ќе биде тежок, немаше никаква врска со реалноста. И не, не е ништо од она што сте го читале за таа трагедија. Филмот покажа дека, реалноста всушност е неподносливо тешка.
Седнати пред екаранот, лица како на исповед, ја раскажуваат целата голгота на прежувавањето во борбата за свеж воздух.Тука нема бегање, тука е гледање на вистината право в очи и соочување со неа во најреални димензии, кои сфаќате дека ниту тие, не можат да ја опфатат големината на таа трагедија, која му се случи на тој град на Истокот.
А, токму тоа било и идејата на Манчевски, да создаде платформа низ која, тие луѓе ќе раскажат низ што сѐ поминале и да се слушне приказната, од нив лично. При големи трагедии, како што истакна, најчесто не се слуша гласот на тие кои преживеале.
„Сакавме филм во кој ќе се чуе гласот на некој кој ѝ гледал на смртта в очи и сака да зборува за тоа, а гледачот да нема кај да бега,“ рече Манчевски, зборувајќи за одлуката да снима документарен филм, бидејќи не е документарист и не е баш приврзаник на тој филмски формат.
Преживеаните не само што зборуваа за смртта бидејќи ја погледнаа пред очи, туку и ја допираа.
„Не можев да си го кренам внучето во рацете, бидејќи се чувствував валкано од смртта што ја видов околу мене. Им ги пипав рацете на тие околу мене за да напипам пулс, а сите беа без пулс. Никогаш нема да ги заборавам нивните крици и она што видов,“ раскажува една од преживеаните.
„Тепих од тела,“ вели сведок.
„Црни лица и мирис на изгорено човечко тело,“ ќе каже друг.
„Тела едни врз други, и подадени глави и раце во очај за помош,“ раскажува момче кое помогнало.
„Ги допирате и прстите ви пропаѓаат во кожата. Стопени како пластика,“ раскажува преживеан.
Раскажувањето на борбата како да побегнете од оваа смрт, од другата страна на екранот, претставуваше борба за воздух, бидејќи солзите и кнедлите в грло го гушеа дишењето на гледачите.
Моментите на лице в лице со голготата на преживување, тие добри луѓе од Кочани ги опишуваа преку борбата кога биле заглавени во стампедо, кога биле притиснати на под со онесвестени и мртви тела врз нив, кога им биле заглавени раце и нозе и не можеле да мрднат, кога биле силно притиснати до ѕид, кога заглавени во тоалетот на 30 секунди се менувале за да земат воздух низ решетките од малиот прозорец.
Мислите кои во тие моменти им се вртеле, е нешто најтрогателно раскажано во филмот.
„Толку е. Мислев дека тука ќе умрам.“
„Како моите ќе се соочат со реалноста дека ме нема. Јас знам дека ќе отидам на помирно место, ама како тие ќе живеат“.
„Додека мавтав со рацете потрупана со тела врз мене, за да кажам дека сум жива, ме виде една полицајка. Ме фати млако за раката и ѝ велам, помогни ми, ми вика, не сум обучена за ова.“
Прашан за емоциите, Манчевски ќе каже дека додека го правел филмот, направил една професионална дистанца, но дека емоциите го стигнуваат сега.
„Мојата емотивната реакција дојде дури откако го завршив филмот, има сцени на кои ми иде да заплачам,“ вели тој.
Од екипата која го работела филмот, најтешко му било на монтажерот, кој требал да прегледа огромен снимен материјал, од кој всушност требало да се исплете приказната за филмот.
Манчевски се заблагодари на довербата кои тие луѓе му ја дале, за да може да ги снима само еден месец после трагедијата, состојба која психолозите се уште ја опишуваат како состојба на шок.
Таа состојба на шок, најмногу се чувствува низ исказите на родителите. Малку зборови, но лица на кои низ секоја пора се гледа сета тага од загубата на нивните најмили, и последиците од борбата, и покрај тоа што знаеле дека децата им се загинати, помагале на други деца. За таа состојба, не постои збор кој може да ја опише, а филмот ја прикажува до неподнослива болка.
Манчевски ќе каже дека е задоволен што публиката го прифатила филмот, така како што му била намерата, да ја прикаже вистината и да се слушне гласот на преживеаните. Но истовреме и да испрати порака на надеж, која од гледачите е препознаена.
Таа порака, и покрај сѐ изреченото, се гледа низ емпатијата, љубовта, хуманоста и сплотеноста која луѓето ја покажале помеѓу себе и сведоштвото на младите за таа несебична жртва. Иако не биле таа ноќ во дискотеката, без двоумење дошле да помогнат, не мислеле на своите животи, туку на тоа да влезат во огнената стихија и да извлечат што е можно повеќе лица. Им помогнале на многумина, но нивните другари не успеале да ги спасат.
Манчевски потенцираше дека без Support Kocani, овој филм немало да постои, бидејќи тие биле конекцијата помеѓу луѓето и продукцијата.
Прашан дали, и како овој филм ќе влијае врз судскиот прцес кој е во тек, Манчевски само кратко одговори:
„Јас сум режисер, не судија“.
Филмот од 26 август ќе се прикажува во Синеплекс, целиот приход ќе оди за помош на семејствата и настраданите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото/еМагазин.мк














