По пријава на Секторот за внатрешни работи (СВР) Куманово е уапсен 39-годишен маж од селото Черкези, бидејќи му се заканувал на премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи, информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово поведе постапка против него поради основано сомнение да сторил кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 5 од Кривичниот законик, информираа од Обвинителството.
-Ценејќи ги околностите на извршување на делото, ризикот од бегство, а особено фактот дека осомничениот се јавува како извршител на други кривични дела од областа на насилниот криминал – насилство, лихварство и поголем број на прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
Притоа, согласно обезбедените докази во однос на претходното поведение на осомничениот, станува збор за конфликтна личност која влегува во постојани расправии, закани и физички пресметки со пријавители, па се оценува дека постои реален ризик ваквите агресивни испади да прераснат во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици со кои се заканува, велат од таму.
Фото: Влада














