Во Скопје денес започна MicroBalkans 2026 – Lending Reimagined, регионална конференција посветена на иднината на кредитирањето, микрофинансирањето и новите модели на финансирање.
На една сцена се собраа повеќе од 200 претставници на финансискиот сектор, инвеститори, финтек компании, регулатори и деловната заедница од Западен Балкан и Европа.
Првиот ден од конференцијата ја отвори дискусијата за тоа како пристапот до финансии да стане поедноставен, побрз и пофлексибилен за граѓаните и за микро, малите и средните компании, со фокус на дигиталното кредитирање, новите извори на капитал и довербата во финансиските институции во услови на брза технолошка трансформација.
Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски институции при Стопанската комора на Северна Македонија, порача дека главното прашање повеќе не е дали кредитирањето се менува, туку како таа промена ќе се обликува во корист на клиентите и економијата.
„Иднината на кредитирањето не е само да кредитираме повеќе, туку да кредитираме подобро – со технологија, одговорност и поголема доверба кај клиентите,“ изјави Јошевски.
Mинистерот за дигитална трансформацијa, Стефан Андоновски во рамки на своето обраќање во воведната церемонија посочи дека „dигиталната трансформација и финансиската иновација мора да се движат заедно. Само со сигурна дигитална инфраструктура, јасни правила и доверба можеме да создадеме побрзи, подостапни и поефикасни финансиски услуги за граѓаните, компаниите и економијата.“
Свое обраќање имаше и гувернерот на Народна банка, Трајко Славески.
„Нашата заедничка задача е да создадеме финансиски систем кој ќе биде отворен за иновации, но истовремено стабилен, одговорен и насочен кон заштита на граѓаните. Само така кредитирањето може да стане вистински двигател на економскиот раст, довербата и подобриот пристап до финансии за сите,“ порача Трајко Славески во својот воведен говор.
Бранко Азески, претседател на Стопанската комора истакна дека пристапот до финансии е прашање на конкурентност и дека на компаниите им се потребни решенија што ќе им овозможат раст, инвестиции и поголема регионална присутност.
„На бизнисот му требаат решенија, а не бариери. Потребен ни е поширок финансиски екосистем што ќе им даде на компаниите поголем избор, поголема флексибилност и повеќе можности,“ порача Азески.
Дискусијата од првиот ден покажа дека прашањето повеќе не е дали кредитирањето ќе се промени, туку како тоа да се осигури дека промената ќе донесе поголема вредност за луѓето, бизнисите и економијата и како да создадеме финансиски систем што ќе биде побрз и поинклузивен, но истовремено и одговорен, сигурен и одржлив.
Четири клучни пораки кои произлегоа од првиот ден беа дека финансирањето треба да стигне до оние на кои им е најпотребно, технологијата треба да го направи кредитирањето побрзо, поедноставно и посигурно, подобриот пристап до капитал отвора повеќе можности за малите и средните компании да инвестираат, растат и создаваат нови работни места, иднината на секторот е во подобро, поодговорно и поодржливо кредитирање што создава вредност за граѓаните, бизнисите и економијата.
MicroBalkans 2026 продолжува на 25 септември, со дискусии за регулаторната рамка, дигиталната трансформација, одговорното управување со наплатата и можностите за развој на финансискиот сектор во регионот.

















