Недовербата во системот е причина луѓето да си заминат, вели Вајц

Во разни земји-членки има различно ниво на корупција, и во мојата Австрија има големи случаи на корупција, но разликата е што многу богати луѓе лежат затвор, рече европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц на сесијата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, којашто се однесуваше на борбата против корупцијата.

Тој додаде дека сите земји-членки на Европската унија (ЕУ) се борат со корупција, ниту една не е совршена. Секоја се бори да го зајакне владеењето на правото, но има разлики.

Вајц го посочи скандалот со недвижности, а за одговорниот, луѓето сметале дека е пребогат за да оди на суд.

„Довербата во системот можеше да се измери на денот кога го уапсија и отиде во притвор. Луѓето видоа дека и еден од најбогатите во Австрија ќе излезе пред суд, ќе биде приведен за тешко дело. ​Апелирам дека не се работи за реализација на обврските кон ЕУ, критериумите за пристапување. Се работи за вложување во вашето општество, во вашата земја, во функционирањето на вашите институции, вложување во довербата во системот. Ако не можете да ги убедите граѓаните дека правдата постои за сите, тоа на луѓето им дава причина да заминат,“ нагласи Вајц.

Тој го потенцираше проблемот на заминувањето на младите, која е една од најголемите пречки во економскиот и воопшто општествениот развој.

„За младите особено е многу важно да разберат дека ако соодветно се образувам, ако добро работам, ќе имам добра плата и соодветна почит. Разговарав со многу млади и овде во Северна Македонија и тие ми велат ако не сте од вистинско семејство, ако немате врски, тешко е да ве вработат во државната администрација.

Независно дали тоа е вистина или не, самиот факт што младите ја имаат таа перцепција е голем двигател на одливот на мозоци. ​Како Австриец ќе кажам, што убаво дојдете кај нас во Австрија, нас ни требаат квалификувани луѓе, образовани луѓе.

Но, знам каков ефект има тоа во општеството. Овде сум како поддржувач на Северна Македонија и на целиот регион. И сакам да ве предупредам дека ако младите заминат, заминува и дел од иднината на земјата, а тоа е поврзано со довербата во институциите, довербата во правосудството и довербата во вашите институции,“ рече Вајц. 

Во поглед на Реформската агенда, Вајц посочи дека треба да се доработат измените на Кривичниот законик, со цел ЕУ да може да обезбеди средства поврзани со тоа. 

„Во планот за раст, дел од концептот е — ако една држава не ги изведе реформите на време, тие пари одат на соседните земји. ​Колку што сум информиран, имате реална шанса да добиете значителни дополнителни средства, можеби 70-80 милиони евра. Ама не е во парите работата. Треба да им служите на граѓаните со Кривичен законик што создава не само ефикасен правосуден систем, туку и влева доверба кај населението. На крајот на краиштата, во државите и општествата клучно е дали граѓаните имаат доверба во системот,“ потенцира Вајц. 

Фото: МНР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести