Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – септември 2025 година продажбите на Алкалод АД Скопје достигнуваат 10.180.866.920 денари, што е за 2% повеќе во споредба со истиот период од минатата година, информираат од таму.
Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 15.191.149.664 денари, што е за 7% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
-Во 2024 година остваривме импресивен раст од 14%, што ги надмина нашите првични проекции и претставуваше значително зголемување во однос на планираното за 2024 година.
Ваквиот исклучителен резултат во 2024 година постави висока основа за тековната година, при што моменталниот раст е умерен, но е во согласност со предвидената динамика. Во споредба со планираните продажби за првата половина од 2025 година реализираните се поголеми за 2%, посочуваат од таму.
Продажби според региони
Консолидираните продажби на Алкалоид остварени на домашниот пазар се зголемени за 17% во споредба со првите девет месеци од минатата година.
-Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава.
Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби, велат од таму.
Од вкупните консолидирани продажби 35% се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65% се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27%, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 19%, а во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 18% од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Австрија, кои се зголемени 6-пати; потоа во Холандија, каде што се зголемени 5,5-пати, во Шведска, каде што се зголемени 4-пати, на Финска, каде што се зголемени 3,5-пати, како и во Малта и Јужна Африка каде што продажбите се зголемени 2 пати.
Потоа следуваат оние во Исланд (раст од 83%), Португалија (раст од 59%), Ирска (раст од 45 %), во Грузија (раст од 40 %), Казахстан (раст од 29 %), Полска (раст од 23 %), во Германија (раст од 19 %), Босна и Херцеговина (раст од 14 %), Ерменија (раст од 13 %) итн. Во периодот што следува очекуваме кумулативните пласмани на странските пазари да ги надминат минатогодишните.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91%. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 23%, препаратите ОТЦ со 18%, невролошките препарати со 13%, кардиолошките препарати со 12% од вкупните консолидирани продажби, итн..
Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9% во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2%, козметика со 6%, а билкарство учествува со 1%. Вкупните продажби бележат пораст кај сегментот фармација, додека во Сегментот хемија, козметика и билкарство се на исто ниво во споредба со остварените во истиот период од 2024 година.
Сегментот фармација бележи раст од 7%, хемија раст од 20%, козметика пад од 2%, а билкарство намалување од 14%.
-Намалувањето на продажбите во сегментите козметика и билкарство во голема мера се должи на намалените и ограничени цени и маржи на речиси целото портфолио во Македонија, Србија и во Црна Гора кои беа на сила во одреден период од годината, велат од таму.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.546.860.903 денари, бележи зголемување од околу 8%, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.531.839.773 денари и е зголемена за 7%.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.771.616.825 денари и бележи раст од 11%, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.487.454.694 денари е зголемена за 8%.
-При извршувањето на оперативните активности Алкалоид АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Алкалоид инвестирал 929 милиони денари и вработил нови 46 лица во третиот квартал














