Општина Струга информира дека ќе се одржи аукција за продажба на автомобилот „ауди А6„, набавено од Општината за времето на поранешниот градоначалник Рамиз Мерко, со почетна цена од 1.344.636 денари (21.800 евра).
Аукцијата ќе се одржи на 16 март, во 10 часот на интернет-страницата e-stvari.mk.
„Со средствата од продажбата на автомобилот ќе се набави комбе кое ќе служи за потребите на општинската администрација и спортските клубови во градот. Ги покануваме сите заинтересирани страни да учествуваат на аукцијата. На неа ќе бидат објавени сите информации за возилото, како и упатства за аплицирање,“ се вели во соопштението.
Мерко беше ослободен за набавката на луксузното возило „ауди“ за потребите на Општината, вредно 67.000 евра, оти Основниот кривичен суд Струга проценил дека нема доволно основи за кривична одговорност.
Според Судот при јавната набавка кој опфаќа набавка на неколку возила и е во вредност од 114.000 евра, немало докази дека тој ја злоупотребил својата службена положба и дека не биле прекршени законските процедури.
Мерко е на т.н. црна листа на САД поради сериозни индиции за корупција и мешање во правосудниот систем, а против него се водат неколку судски случаи.
Фото: Телма














