Бигорски манастир: Сѐ поголем број на млади зачекоруваат по вистинскиот пат на верата, преку исповедта

Велигденскиот пост се придвижува кон неговиот крај, имајќи ги пред себе уште големиот празник Цветници, како и Страдалната седмица која му претходи на Христовото Воскресение.

На ова неколку неделно духовно патување, поважно од постот од храна е покајанието, кое преку литургискиот живот и светата тајна исповед, има за цел да ја приближи душата на Бога, и оттука човекот да дејствува богоугодно.

Зборувајќи за покајанието, по читањето на Житието на Св. Марија Египетска на бдението од средината на петтата недела на Светата Четириесетница, Епископ Антаниски Партениј, игумен на Бигорскиот манастир вели дека колку и да сме грешни, колку и да сме острастени, колку и да сме во пад, доколку вистински и искрено се покаеме, Бог нема да нè остави. Оти за нашиот Бог, покајанието е повеќе од доволна причина за средба со душата човечка.

Во оваа прилика, Владиката истакна дека во Бигорски манастир сѐ повеќе млади луѓе доаѓаат на исповед, на тој начин зачекорувајќи по вистинскиот пат на верата.

„Еве, на пример, во нашиот манастир секоја година доаѓаат нови и нови луѓе кои бараат покајание. И во овој пост – колку ли нови души се исповедаа, тргнаа по Божјиот пат! Слушнале некако за манастирот, од луѓе, дури и преку интернетот, гледале некое видео од богослужба, или прочитале некоја поука, па посакале да дојдат овде. Тоа не е случајност, тоа е Божјата промисла, тоа е повик кој не доаѓа од нас, туку од Него,“ истакна Епископ Антаниски Партениј.

За ова сведочи и исполнетоста на манасторот за секој празник и секој викенд, барајќи се место повеќе за престој како и бројното присуство на Литургиите.

Во оваа насока говори и фактот што, годинава во Бигорски манастир имаше најголем број на луѓе кои држеа Тримир.

„Околу сто и педесет тримирци – толкав број, досега невиден – се причестија со светите Христови Тајни, завршувајќи го тридневниот подвиг на целосно воздржание со највозвишеното и најубавото нешто: со соединување со најслаткиот Христос,“ објавија од Бигорски.

Останувајќи уште малку време од светиот и велик пост, Епископ Антаниски Партениј порачува „да се потрудиме поусрдно во покајанието и во молитвите, за достојно да го дочекаме славното Христово Воскресение.“

Фото: Бигорски манастир

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести