Божиновска: Градиме модерен енергетски систем усогласен со европските стандарди

Во период кога енергетската безбедност, зелената транзиција и европските реформи се меѓу најважните државни приоритети, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини спроведува интензивни законски и институционални промени. За досегашните резултати, но и за следните чекори во процесот на енергетска трансформација, разговараме со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Владата неодамна ја разгледуваше динамиката на спроведување на Реформската агенда. Европската комисија веќе официјално потврди дека дел од реформските чекори во енергетската транзиција се целосно исполнети. Што досега има реализирано од обврските Министерството за енергетика и кои се следните клучни обврски што мора да ги реализирате?

-Реформската агенда не претставува само исполнување на обврски кон Европската Унија, туку пред сè трансформација на македонскиот енергетски сектор во модерен, конкурентен и одржлив систем. Таа е една од најважните алатки преку кои ја забрзуваме енергетската транзиција и го усогласуваме македонскиот енергетски сектор со европските стандарди.

Во изминатиот период успеавме да реализираме неколку исклучително важни чекори, што го потврди и Европската комисија, која во својот извештај од 20 мај 2026 година официјално потврди дека два реформски чекори во енергетскиот сектор се целосно исполнети. Првиот се однесува на воспоставувањето и целосната операционализација на структурите за управување со процесот на праведна транзиција. Ги формиравме сите предвидени тела, го усвоивме годишниот план за спроведување и денес тој механизам е целосно функционален.

Вториот целосно реализиран чекор е донесувањето на тригодишниот План за реновирање на зградите на централната власт, усогласен со европските цели за енергетска ефикасност. Обезбедена е и финансиска поддршка за негова реализација, што ќе овозможи значително намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор.

Покрај овие два официјално потврдени чекори, Министерството ги заврши и сите активности за уште две важни реформи, за кои документацијата веќе е доставена до Европската комисија и е во фаза на верификација. Станува збор за целосното транспонирање на Пакетот за интеграција на пазарот на електрична енергија, согласно правилата на Енергетската заедница, како и за постепеното намалување на јавната интервенција во определувањето на цените на електричната енергија.

Истовремено, работиме и на реформите поврзани со воведување мерење и наплата врз основа на реалната индивидуална потрошувачка, преку поставување индивидуални броила таму каде што тоа е технички возможно и економски оправдано, во согласност со европските директиви.

Во наредниот период приоритет ќе ни биде да ја задржиме оваа динамика. Дел од реформите имаат рок до крајот на 2026 година, а останатите до средината и крајот на 2027 година. Уверена сум дека ќе ги реализираме согласно предвидената временска рамка, затоа што тие не се важни само за европската интеграција на државата, туку и за обезбедување пристап до средствата од Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан, кои ќе овозможат нови инвестиции во енергетиката, поголема енергетска сигурност и побрза зелена транзиција.

Паралелно со реформите, продолжуваме да работиме и на јакнење на домашниот електроенергетски систем и неговата отпорност. Во услови на нестабилности на европските енергетски пазари, домашниот систем останува стабилен, а состојбата континуирано се следи. Акумулациите се на ниво од околу 70 проценти, а во мај домашното производство обезбеди 96,5 проценти од вкупната потрошувачка на електрична енергија. Истовремено, ги подготвуваме новите инвестиции во „Богданци 2“, фотоволтаичните проекти во Битола и Осломеј, системите за складирање енергија и новите интерконекции. Тоа е насоката во која сакаме да се движиме – поголемо домашно производство, посилен и пофлексибилен систем и постепено намалување на зависноста од увоз.

Нашата цел е реформите да бидат двигател на нови инвестиции, нови работни места и повисока енергетска сигурност, а не само исполнување на формални европски обврски.

Македонија се подготвува во септември официјално да се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор. Што конкретно ќе значи ова за државата и како е поврзано со изградбата на интерконекторите со Грција и Србија?

– Приклучување кон иницијативата „Вертикален гасен коридор“ е резултат на повеќе средби, разговори и активности за зајакнување на меѓународната енергетска соработка. За време на мојата посета на Соединетите Американски Држави потпишав Меморандум за соработка во енергетиката, а бев и во Белата куќа. По тие разговори и последователната комуникација, Македонија доби покана да се вклучи во разговорите за проширување на Вертикалниот гасен коридор кон Западен Балкан. Ова е една од најзначајните стратешки можности што Македонија ја добива во последните години во областа на енергетиката. Тоа претставува признание дека Македонија може да стане важна алка во новата европска енергетска архитектура.

Со ова, македонскиот гасоводен систем станува интегрален дел од транзитот на природен гас и течен природен гас (LNG) кој се движи од Грција преку Бугарија, Романија, Унгарија, сѐ до Словачка и Молдавија. За нашата економија, ова значи крај на децениската зависност од само еден извор и еден правец.

Поканата ни овозможува да учествуваме во работните разговори и во техничката и комерцијалната координација со операторите од регионота, а вклучувањето во оваа иницијатива е директно поврзано со интерконекторите.

Интерконекторот со Грција, со планиран почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас годишно и можност за проширување до близу 3 милијарди кубни метри, ќе овозможи пристап до дополнителни извори и правци на снабдување, вклучително и до течен природен гас преку грчката инфраструктура. Тоа е конкретната основа за поголема диверзификација и сигурност во снабдувањето.

Паралелно се работи и на интерконекторот со Србија. Кога двете врски ќе бидат оперативни, ќе постојат физички услови Македонија да биде подобро поврзана со регионалните гасни системи и, зависно од договорените капацитети и потребите на пазарот, да учествува и во прекугранични текови. Тоа е реална можност што треба постепено да се развива, а не веќе завршен процес.

Двете интерконекции се планирани да бидат подготвени и за транспорт на 100% водород. Со техничка поддршка од Европската Унија ја завршивме и првата сеопфатна Водородна студија за Македонија – стратешки документ што ја отвора вратата кон идната водородна економија и ја позиционира државата како дел од европската енергетска иднина. Студијата потврдува дека Македонија располага со реален потенцијал постепено да развива водородна економија и да стане активен дел од идната европска водородна инфраструктура. Во документот е нагласено дека државата, заедно со Србија и Грција, има стратешка позиција во рамките на Паневропската водородна мрежа и European Hydrogen Backbone, идната европска мрежа за прекуграничен транспорт на чист водород.

Неодамна беше усвоен новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори како посебен закон. Зошто е важен овој закон?

– Овој закон е еден од најзначајните системски закони што ги донесовме, затоа што за првпат во историјата на нашата држава обновливите извори на енергија се уредуваат со посебен закон. Со тоа ја заменуваме досегашната практика оваа област да биде регулирана преку повеќе фрагментирани законски и подзаконски акти и воспоставуваме јасна, современа и предвидлива правна рамка.

Законот не е важен само затоа што ги усогласува нашите прописи со европското законодавство и ја транспонира Директивата за обновливи извори на енергија, што е и дел од Реформската агенда. Тој претставува темел врз кој ќе ја градиме новата македонска енергетика – почиста, поконкурентна, поодржлива и посигурна.

Неговите придобивки се повеќекратни. Создаваме услови за постепено намалување на зависноста од увоз на енергија и фосилни горива, зголемување на домашното производство од обновливи извори, поголема сигурност во снабдувањето со енергија и намалување на емисиите на стакленички гасови. Истовремено, воспоставуваме поголема правна сигурност за инвеститорите, поефикасни институционални процедури и подобри услови за нови инвестиции и современи технологии.

Законот воведува и нови европски механизми за поддршка на инвестициите, како двонасочниот договор за разлика во цена, кој обезбедува финансиска предвидливост за инвеститорите, а истовремено ги штити граѓаните и стопанството од прекумерни пазарни осцилации.

Особено важно е што за првпат јасно се уредуваат механизмите за нето-мерење и нето-пресметка, што ќе им овозможи на домаќинствата, компаниите и институциите полесно да произведуваат електрична енергија од сопствени фотоволтаици и поефикасно да ја користат. Дополнително, воспоставуваме правна рамка за формирање граѓански енергетски заедници, преку кои граѓаните, општините и компаниите ќе можат заеднички да инвестираат во локални проекти за производство и користење на зелена енергија.

Со овој закон Македонија прави голем исчекор кон европскиот енергетски пазар и создава услови обновливите извори на енергија да станат еден од главните двигатели на економскиот развој, енергетската независност и зелената транзиција.

Формирањето и операционализацијата на Фондот за енергетска ефикасност влегува во својата финална фаза. На кој начин овој фонд ќе стане клучна алка за поддршка на општините, јавните институции, но и приватниот сектор при реализација на проекти за зелена транзиција и заштеда на струја?

– До денес, најголем дел од проектите за енергетска ефикасност зависеа од поединечни донаторски програми или ограничени буџетски средства. Нашата цел е тоа конечно да се промени.

Заедно со Развојната банка на Македонија ги финализираме оперативните чекори за целосно активирање на Фондот за енергетска ефикасност. Почетниот капитал од 600 милиони денари веќе е наменски распределен за оваа намена. Фондот е замислен како одржлив револвинг-механизам: парите што ќе се враќаат преку постигнатите енергетски заштеди веднаш ќе се реинвестираат во нови корисници.

Во првата фаза, фокусот е ставен на општините и јавниот сектор. Преку поволни финансиски инструменти ќе се финансираат проекти за термичка изолација на јавни објекти (училишта, болници, градинки), замена на неефикасните системи за греење и инсталација на модерни LED системи за улично осветлување каде заштедите на енергија надминуваат 40%. Во следната фаза, Фондот ќе се отвори со посебни кредитни линии и грантови за приватниот сектор и домаќинствата, со цел трајно намалување на финалната потрошувачка на струја на национално ниво.

Особено важно е што преку Фондот ќе можеме подобро да ги комбинираме националните средства со европските фондови и финансиските инструменти на меѓународните финансиски институции, со што значително ќе се зголеми вкупниот обем на инвестиции.

Нашата амбиција е енергетската ефикасност да стане најисплатливата енергетска инвестиција, бидејќи секој киловат-час што ќе го заштедиме е еднакво вреден како и секој нов киловат-час што ќе го произведеме.

Министерството започна со интензивни активности за воспоставување на сеопфатен систем за сајбер безбедност во критичната енергетска инфраструктура. Како се справувате со модерните дигитални закани и дали се планираат строги безбедносни стандарди за соларните и другите приватни централи кои се приклучуваат на мрежата?

– Сајбер безбедноста во 21-виот век е еднакво важна како и физичката безбедност на термоцентралите или хидропотенцијалите. Современите енергетски системи се високо дигитализирани и затоа се изложени на постојани ризици од хакерски напади. Затоа започнавме процес на воспоставување современ систем за сајбер безбедност, усогласен со европските стандарди и директиви. Тоа подразбира проценка на ризици, воспоставување механизми за навремено откривање и реагирање на сајбер инциденти, обврски за операторите на критичната инфраструктура и континуирана координација со надлежните институции.

Министерството, во соработка со домашни и меѓународни експерти веќе развива сеопфатна Стратегија и систем за сајбер безбедност на критичната енергетска инфраструктура. Наша задача е да ги заштитиме SCADA системите, преносните мрежи и центрите за управување со енергија. Секој субјект на пазарот, вклучително и преносните и дистрибутивните оператори, ќе мора да имплементира строги ISO безбедносни стандарди.

Посебно внимание посветуваме на приватните фотонапонски и ветерни централи што масовно се приклучуваат на мрежата.

Тие мора да користат сертифицирана опрема (инвертери и софтверски платформи) кои не содржат ранливости. Затоа новите приклучувања ќе бидат придружени со јасно дефинирани технички и безбедносни стандарди, со цел да се заштити стабилноста на целиот електроенергетски систем.

Нашата цел е да изградиме инфраструктура која не само што ќе биде модерна, туку и отпорна на современите сајбер закани.

Министерството веќе презеде активности за заштита на македонскиот рубин како автентично минерално богатство. Што следува во делот на неговата промоција и пошироката афирмација на македонското геонаследство?

– По воспоставувањето на институционалната и правната заштита на македонскиот рубин, преминуваме во фаза на негова поактивна промоција и валоризација, заедно со целокупното геолошко наследство на државата. Со Здружението за промоција на природните науки „Откритие“ потпишавме Меморандум за соработка, со кој ги поврзуваме институционалните, научните и стручните капацитети.

Македонскиот рубин не треба да се гледа само како редок и вреден минерал. Тој е автентичен дел од природното богатство на Македонија и еден од најпрепознатливите симболи на нашето геолошко наследство. Неговата вредност е истовремено научна, образовна, културна и туристичка. Затоа нашата цел е да ја зголемиме неговата видливост, но и преку него пошироко да го претставиме богатството од минерали, кристали, фосили и други геолошки особености што ги поседува државата.

Соработката предвидува организирање изложби, научно-популарни настани, јавни предавања, работилници, едукативни програми и тематски поставки. Планираме и воспоставување партнерства со домашни и странски музеи, универзитети и научни институции, затоа што меѓународната промоција треба да се темели на стручност, веродостојни информации и директна соработка со институции што имаат искуство во презентацијата и заштитата на геонаследството.

Во просториите на Министерството ќе биде формиран Центар за промоција на геонаследството, замислен како постојан изложбен и едукативен простор за презентација на минерали, кристали, фосили и други геолошки експонати. Центарот треба да биде место во кое институциите, науката и стручната фела ќе работат заедно, но и простор отворен за учениците, студентите и граѓаните. На тој начин сакаме геологијата и природните науки да ги доближиме до јавноста, да го поттикнеме интересот кај младите и да создадеме дополнителна основа за развој на геотуризмот.

Заштитата беше неопходен почеток, но таа сама по себе не е доволна. Ќе продолжиме да бараме нови начини за промоција дома и меѓународно, за светот да дознае за нашиот рубин. Тоа подразбира негово присуство во соодветни изложбени, музејски, научни и образовни проекти, како и градење партнерства преку кои македонското геонаследство ќе биде претставено на достоинствен и професионален начин. Нашата намера е македонскиот рубин да стане препознатлив не само како минерал со посебна убавина и реткост, туку и како дел од националниот идентитет и развојниот потенцијал на Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести