Бројот на евакуирани по поплавите во Кичево од 180 се зголеми на 220 лица, информираа денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од таму информираат дека на улицата “Прилепска“ е регистрирано најголемо поплавување на куќи.
Евакуираните се сместени во спортската сала “Христо Узунов“, а заезерувања има и на улицата “29 Ноември“ во населбата Подварош, каде се поплавени подруми во повеќе куќи.
Поплавени се и објекти на болницата во Кичево.
Организирана е достава на храна и вода за загрозените лица со поддршка на Црвен крст, а на терен активно работат екипи од полицијата, комуналното претпријатие и противпожарната служба.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Поради поплави евакуирани 180 лица во кичевско
Поплави и во гостиварско
Во Полошкиот регион, во Гостивар, екипи на противпожарната служба интервенирале во текот на целата ноќ поради обилните врнежи од дожд и поплавувањата. Најкритична состојба е регистрирана во селото Форино, кое е најпогодено од поплавите. Поплавени се и земјоделски површини во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште.
Во Североисточниот регион, во Општина Липково, во дел од селото Опае поплавени се земјоделски површини поради излевање на Слупчанска река, при што засега нема пријавени материјални штети. Поплавени земјоделски површини има и во селото Оризаре. Во Куманово, во селото Доброшане на локацијата Шупли Камен, кај мостот на Кумановска река има насобрани пластични шишиња, но засега нема опасност од излевање на реката.
Во Скопскиот регион, во Општина Сарај состојбата е мирна и се следи, додека во Општина Зелениково има минимално излевање на реката Вардар кај селата Пакошево и Ново Село без непосредна опасност.
Во Југоисточниот регион, во Струмица, засега нема пријавени штети од врнежите од дожд. Пријавен е одрон кај селото Суви Лаки кон Берово и за истиот се известени надлежните служби.
Во Источниот регион, во Пробиштип, регистриран е прекин во снабдувањето со електрична енергија во селата Долни и Горни Стубол и екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Можни излевања на Вардар, Треска и Црна: Предупредување од УХМР
Фото: Општина Кичево














