Синоќа обилните врнежи од дожд предизвикаа излевање на Зајашка река на улицата „Прилепска“ во Кичево, каде што се зафатени повеќе куќи, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Извршена е евакуација на околу 180 лица, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“.
Регистрирано е и заезерување на улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, при што се поплавени подрумски простории во повеќе објекти.
Поплавени се и објекти на болницата во Кичево.
Според досегашните информации, нема животно загрозени лица.
Поплави и во скопско
Поплавени се дворни места и подруми и во селото Идризово, Општина Гази Баба, во селото Буковиќ, Општина Сарај, селото Зелениково, Општина Зелениково и во населбата Радишани, Општина Бутел.
Свлечиште во тетовско
На патниот правец Тетово – село Џерм е пријавено свлечиште, поради што патот е блокиран за сообраќај.
Од 07:45 часот на патот Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси поради врнежи од снег.
Во однос на водостојот, засега нема зголемување на нивото на реките и не се очекува нивно излевање.
Снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење е редовно.
Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка
Во Гостивар и околните населби пријавени се поплавувања на куќи во селото Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Пријавен е и затрупан канал во селото Балиндол, при што се поплавени неколку куќи.
Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка.
Поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и затрупани канали.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Можни излевања на Вардар, Треска и Црна: Предупредување од УХМР
Фото/видео: TV Uskana














