Фотографот Кузманоски го фотографираше Сонцето цела година во исто време за да направи сончева аналема над Скопје

Фотографот Боби Кузманоски го фотографираше Сонцето во Скопје цела година во исто време за да направи сончева аналема над главниот град и стана првиот македонски автор кој го направил тоа.

Аналема е дијаграм што ја прикажува годишната варијација на положбата на Сонцето на небесната сфера во однос на неговата средна положба, гледана од фиксна местоположба на Земјата. Повеќе инфо за тоа ОВДЕ.

Како што пишува тој на Фејсбук каде ја објави фотографијата од целогодишниот труд, одамна го привлекувале фотографиите на сончева аналема, или како што вели – онаа убава крива во облик на бројот 8 која настанува кога ќе го фотографираш Сонцето секој ден, во исто време, цела година.

-Сакав да направам своја верзија, но со препознатливата панорама на Скопје во позадина, и така да ја создадам првата сончева аналема сликана од македонски автор на македонско тло, пишува тој.

Вели дека проектот барал дисциплина и трпеливост.

-Поради работните обврски, најлесно беше да сликам за време на викендите, па така еднаш неделно излегував на она добро познато место, покривот од мојата зграда, и во исто време го фотографирав Сонцето.

Планираното време беше 14:30 часот, но уште на првата сесија поради технички проблем направив фотка дури во 14:50 часот и тоа стана фиксниот термин за целата година, пишува тој.

Времето работело во негова корист.

-Временските услови во голема мера ми излегоа во пресрет. При делумна облачност, магла или тенки слоеви на провидни облаци сепак сликав, бидејќи ми требаше само точната позиција на Сонцето на небото, а не остра или совршено направена фотографија.

Само три пати облачноста беше толку густа што сликањето беше невозможно. Тие три позиции се претставени на финалната фотографија преку Сонце со послаб интензитет.

Единствено прилагодување беше потребно при преминот од летно на зимско сметање на времето. Сонцето не го следи нашето поместување на часовникот, туку се движи според универзалното време (UT) и не знае дека ние ги поместивме стрелките за еден час.

Па, така јас го поместив фотографирањето за еден час и наместо во 14:50 сликав во 13:50 часот. Така останував во чекор со Сонцето, а не со часовникот.

Во март, кога се вративме на летно сметање на времето, сликањето се врати на 14:50 часот.

Оваа фотографија е кулминација на едногодишен проект за документирање на патеката на Сонцето над нашиот град. Како вчера да беше кога, без многу размислување, одлучив да се нафатам на овој долготраен и барем малку луд проект.

По 365 дена посветено фотографирање и трпеливо чекање на ведро небо, резултатот е фасцинантен визуелен запис во кој Сонцето ја исцртува својата карактеристична осумка, издигнувајќи се високо над Милениумскиот Крст на Водно во лето и спуштајќи се ниско над хоризонтот во зима, спојувајќи го урбаниот пејсаж на Скопје со космичкиот ритам, пишува тој.

Фото: Боби Кузманоски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести