Водопадот на реката Бабуна, сместен во пазувите на планината Јакупица, е едно од најубавите места во областа Азот. До него се стига, така што се трга од Нежилово и се оди пет километри по патот кон планинарскиот дом Чеплес.
На местото каде што треба да се скршне кон шумата, има поставена табла со податоци за водопадот и изворите.
При исклучување од патот, се навлегува во длабока рајска шума и движењето низ неа освен што е магично, треба да биде претпазливо.
Иако оваа тура е во рангот на лесните, седум километри во еден правец и искачување само на 700 метри, сепак, шумската патека по која движите кон водопадите, бара максимално внимание. Посебно последниот дел кој што е стрмен и лизгав. Оттука, патеката е препорачлива да се оди само на лето, но добро е и да е суво.
За цело време додека движите низ шума, го слушате жуборот на Бабуна, со нетрпеливо исчекување да ги видите изворот и водопадот.
Таква зелена боја како што создава водопадот на Бабуна, нема на ниту едно друго место. Таа боја се претопува со зеленилото околу, и се создава еден совршен спој и хармонија на природата. Енергијата која ја поседува местото, само може да ви ги прочисти умот и енергијата и се што е негативно да однесе пред себе.
Постојат информации дека ова место догодина ќе биде обезбедено, за да биде подобро достапно за граѓаните. Ние имавме среќа да го видиме во неговата изворна форма.
Прошетката до изворите и водопадите на Бабуна беа во организација на „Грин пауер“ од Велес и „Петрикор“ од Скопје.