Со голема Италијанска модна ноќ започна 26 издание на Моден Викенд Скопје, најпознатата смотра на мода и одговорно консумирање на истата, во овој дел од Европа.
По првиот ден кој ја славеше италијанската мода, на вториот ден од Моден Викенд Скопје кој повеќе од четврт век ја редефинира и повторно ја открива идејата за тоа што значи естетика и дизајн, посетителите имаа можност да ги погледнат последните колекции, но и иновации на домашните дизајнерски сили на модната сцена.
Програмата ја започнаа претставниците на Текстилното Трговско Здружение – Текстилен Кластер, кој е дел од проектот „Fashion Employment Hub” и кој е еден од фаворитите за соработка на Skopje Fashion Weekend, заради мисијата која заеднички ја делат, а посветена е на одговорната мода.
Овој проект е кофинансиран од Европската Унија и од националните фондови на земјите учеснички во Интеррег ИПА ПС програмата. Тоа беше и вовед кој присутните ги однесе во светот на иновациите и иднината.
Со претставување на Ikiverse – првата дигитална модна ревија на Моден Викенд Скопје на Искра Џокиќ Кецап. Таа е дизајнер и уметник кој користи најмодерна 3D дигитална технологија за дизајн на облека која е достапна во оваа област.
„Panta Rei – сѐ тече, сѐ се менува. Оваа максима се однесува и на начинот на креирање во модниот дизајн. Живееме во дигитално време во кое секогаш се бараат нови решенија, нови алатки кои се адаптабилни и кои нудат одржлив пристап. Огледало на ова е и новата модна колекција IKIVERSE„ изјави Искра при претставувањето на својот проект.
Потоа следуваше “Hope this feels familiar”, проект кој е соработка помеѓу модната дизајнерка Теодора Митровска и визуелниот уметник Душан Стефановски.
Се работи за проект кој ги истражува границите помеѓу мода, уметност и перформанс. Иронично насловен „Hope this feels familiar„ проектот претставува нов неистражен терен за Теодора и Душан, а особено за нашата модна сцена.
Втората вечер продолжи со модната ревија на студентите на Интернационалниот институт за мода Изет Цури, личност во модниот свет кој по своето повеќедецинско работење во најстарата светска модна метропола – Париз, се стекна со непроценливо искуство во техничките области на изведба на рафинирана облека, водење сопствено ателје за облека направена по мерка и костимографија.
Неговата благородна визија за пренесување на знаењето и акумулираното професионално искуство на младите генерации од земјата и регионот резултираше со отварањето на Интернационалниот Институт за мода „Изет Цури” во Скопје во 2014 година. Овој институт стана синоним за врвни стандарди во обучувањето на идни дизајнери, како од технички аспект (моделизам), така и од аспект на поширока дизајнерска обука (стилизам) и оспособување за независна дизајнерска работа.
Интернационалниот институт за мода „Изет Цури” ја продолжува традицијата на подготовка и реализирање на модни ревии. Секоја од студентските креации кои ги видовме се дизајнерски преводи на индивидуално избраните теми. Креациите го ставаат акцентот на техничката изведба, но и разработената инспирација која доаѓа од различни извори како: древните и современи култури, наследството на високата мода, експериментирање со техники на изведба, историјата на модата и реинтерпретација на дизајнерските остварувања од минатото, како и одржливата мода.
По големото дефиле на Интернационалниот институт за мода, публиката имаше можност да ја погледне колекцијата “Goddess” на Емира Имери. Нејзината колекција инспирирана од богињите претставуваше драматична игра на форми, бои и додатоци кои ја рефлектираат жената како борец која никогаш не се откажува од себеси.
Мила Спасовска го потпишува брендот Yamuna. Таа презентираше аксесоари специјално дизајнирани од боите на палетата на IQOS.
„За оваа колекција инспирацијата левитираше и се градеше околу мене веќе некое време, а сега дојде моментот да се изразам и да ја преведам во облека. Изминатиов период се што забележував беа бизнис луѓе и анализирав каков е нивниот стил. Тоа ме интригираше и најадов голема инспирација во острите линии која ме асоцираше на сериозноста на овие луѓе.
Од друга страна пак, свесна сум дека животот носи непредвидливи ситуации и дека истите тие сериозни ликови знаат да се најдат во хаотични моменти. Некои уживаат во хаосот, некои се трудат секој детал да им е испланиран, но како и да е не секогаш можеме да ги предвидиме околностите, а јас размислувам за тоа многу.
За да можам сето ова да го преведам во архитектурата на телото, острите линии ги наоѓам во кројот на парчињата. Неговата улога е да му служи на телото и да раскаже повеќе за индивидуата која го носи парчето. Во боите и деталите ја наоѓам страната на луѓето која не секогаш ја покажуваат, таа е заслужна за животот да го направи убав и полн со забава, но и непредвидливост.
Префинетиот стил и боите на IQOS некако природно се вклопија во сентиментот на оваа колекција. Многу ми е драго за нашата соработка за која дизајнирам марами во нивните препознатливи бои. Тие се и дел од мојата ревија како аксесоари која ги надополна аутфитите“, изјави Спасовска за оваа необична соработка.
Што донесе последниот ден на Моден Викенд Скопје
Тридневното модно патување на 26. издание на Моден Викенд Скопје, заврши синоќа во East Gate Mall со “The Bridal Fashion Night”.
Ревиите на пистата беа спектакуларен приказ на креативноста на дизајнерите кои ги покажаа своите најавангардни дизајни, со неочекувани силуети и комплицирани детали. Ревиите кај невестинската мода се убав миг, во кој моделите избрани на кастинзите чекорејќи по пистата, ги оживуваат дизајните.
Серијата ревии ја отвори Наташа Карчева и нејзиниот бренд Al aparel, кој е синоним за детали и рачна изработка од најфини материјали. Од деликатни до авангардни силуети на оваа колекција, се гледа уникатната визија на дизајнерката која остава големи импресии.
Потоа следуваше ревијата на Sigma jewelry, бренд за ексклузивен италијански накит, кој повторно изнуди воздишки со новата луксузна колекција за претстојната сезона. Оваа ревија, преку несекојдневен моден перформанс ги претстави новите трендови во кои идните невести со префинет вкус за аксесоари, несомнено ќе се вљубат на прв поглед во раскошниот сет ланчиња, обетки и прстени во кои моделите продефилираа на пистата, затоа што му даваат посебно благородна нота на целокупниот изглед за големиот ден.
Vlora & Kaltrina – couture collection е модна рефлексија која се базира на филозофијата за елегантна женственост. Секоја нивна креација е рачно изработена, а тоа внимание кон деталите кое е претворено во љубов кон истите, ги прави нивните креации од класично елегантни до модерно софистицирани.
Големото финале беше оставено за Fa-Bu на Јагода Пачемска, дамата од арт-студиото за цвеќе „Фа – Бу”, која изработува несекојдневни фустани од свежо цвеќе. Ова се креации кои го одземаат здивот, а Пачемска секогаш инспирирана од убавината која ја дава природата преку цветови и зеленило, како и нежноста која тие ја имаат открива креации за кои не сте ни сонувале. Фустаните од цветови се иновација, која е нова димензија во модниот дизајн. Ова се и еко френдли креации, зошто цветовите од вашиот фустан можат да се компостираат по нивната употреба.
Фото: Гјоргиј Ристоски