Историско архиерејско служење на епископ Партениј на Света Гора, за празникот на Св. Пантелејмон

Епископ Антаниски Партениј, имаше историско архиерејско служење во Кутлумушкиот скит на Св. Пантелејмон во Кареја, на Света Гора, по повод денешниот празник на Св.Пантелејмон.

На покана на старешината, јероѓаконот Хрисостом, владиката Партениј, молитвено претстоеше на целоноќното дванаесетчасовно празнично бдение, а потоа чиноначалствуваше и на Божествената Евхаристија, информираат од Бигорски манастир.

Во името на братството и на сите присутни, при пречекот јероѓаконот Хрисостом изразил топло добредојде потенцирајќи дека, на Света Гора која е градина на Пресвета Богородица, времето и просторот добиваат поинаква димензија и во полнота се живее тајната на едната, света, соборна и апостолска Црква.

„Нераскинливо нè обединува заедничката православна вера, а нè проникнува и вдахновува духот на светото Ромејство. Тоа Ромејство не е световно или географско определување, туку вселенски начин на живеење, духовно благородство, крстовоскресен етос и заедничко литургиско предание. Тоа е нашата заедничка духовна татковина, која ја прима и прегрнува секоја човечка душа што жеднее за Христа.

Свети Пантелејмон, заштитникот и покровителот на нашиот Скит, кој со својата маченичка крв го напои дрвото на Црквата, е свештената врска што денес нè собира околу светата Трпеза. Неговата светост нè потсетува дека во Христа сите сме браќа и членови на едното исто Тело,“ истакнал старешината.

Епископот Антаниски Партениј се присетил на неговиот престој на Света Гора, кога пред 36 години бил почетник во монашкиот живот и извесен период живеел во свештената обител Григоријат, покрај блаженоупокоениот Старец Георгиј, од кого научил многу за монашкиот живот, за послушанието и за љубовта кон Бога.

„Денешниот ден за мене носи една особена и многу лична тајна. На овој празник, кога заедно со светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон ги чествуваме и светите Седмочисленици – нашите учители, просветители и духовни татковци – пред триесет и една година, во храмот на свети Климент Охридски, бев ракоположен за јеромонах.

Тогаш, со страв и трепет, ја примив благодатта на свештенството, не знаејќи по кои патишта ќе ме поведе Господ. И еве, денес, по триесет и една година, на истиот празник, Божјата промисла ме удостои да ја принесам бескрвната Жртва во свештениот Скит на свети Пантелејмон, среде Светата Гора Атонска.

Го славам Бога за Неговата неискажлива промисла и ја изразувам својата длабока и синовска благодарност кон нашиот Сесвет Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, за татковскиот благослов и за дозволата да дојдам и да богослужам на Света Гора.

Срдечно му благодарам и на Неговото високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, за канонската согласност и за неговиот благослов, како и на Високопреподобниот игумен на свештената обител Кутлумуш, за благословот да учествувам во ова празнично торжество,“ истакнал меѓудругото Владиката Партениј.

Во својот говор тој потенцирал дека Света Гора е голем благослов не само за Православието, туку и за целиот свет и има одиграно огромна улога во духовното просветување на нашиот народ.

„И денес, Атон продолжува да нè укрепува преку добрата и плодна соработка што ја негуваме со Света Гора, втемелена врз братска љубов, заемна почит и заедничко сведоштво на православната вера. За сето тоа нашето братство и нашиот народ остануваат длабоко благодарни.

Додека светот се изморува од врева, брзина и непрестајно самоистакнување, Атон сведочи дека вистинскиот живот се раѓа во тишината, дека човекот станува слободен кога ќе се откаже од својата волја и дека најголемата сила се крие во смиреното повикување на името Исусово,“ потенцирал Владиката Партениј.

Со епископот Антаниски, сослужувале епископот Мирински г. Атинагора, игумените на свештените обители Есфигмен и Кутлумуш, архимандритите г. Вартоломеј и г. Николај, повеќе свештенослужители од Света Гора и од придружбите на архиереите, вклучувајќи ги и о. Кирил, о. Анатолиј и о. Григориј од Бигорски манастир.

Извор и фото/bigorski.org.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести