На денешното рочиште за пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани сведочеше Дарко Стојков, инспектор во подрачната единица на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Виница.
Тој во своето сведочење меѓу друго кажа дека во објектот недостигале основни противпожарни апарати, хидрантот бил празен, помошната врата била заклучена, на долниот дел дури и со катанец, и без квака, а тоалетот имал решетки без пристап за помош.
Овие недостатоци биле констатирани од страна на ДЗС по пожарот.
Тој рече и дека до трагедијата Општина Кочани повеќе од една деценија немала вработено инспектор за заштита и спасување.
Во објектот имало само два противпожарни апарати, што било недозволиво според квадратурата на истиот. Требало да има најмалку четри.
Освен што хидрантот бил празен, немало ни црево, ниту пак имало аларми за пожар.
Задната врата според него не ги исполнувала стандардите за евакуација, немало панично светло, но истата можела да послужи за евакуација доколку не била заклучена и запечатена од другата страна со стиропор.
Исто така според него и просторот надвор, доколку оваа врата се користела, бил несоодветен за евакуација.
Главниот влез пак немал ракофат за отворање на врата кон надвор.
И според него пожарот најверојатно бил предизвикан од прскалките кои го запалиле платното на таванот над бината.
Тој како инспектор во Виница немал надлежност да врши инспекции во Кочани, а за редовни и вонредни контроли, според него била неопходна наредба од генералниот инспектор, директорот или заменик-директорот на ДЗС.
Како што појасни меѓу друго, правните субјекти биле должни до општината да достават планска документација за заштита од природни непогоди, заштита од пожари, план за евакуација, која потоа одела на мислење и согласност во ДЗС.
Овие документи биле дел од условите што треба да ги исполнат правните субјекти за да добијат дозвола за работа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Игор Бансколиев














