Комерцијална банка АД Скопје најави воведување на дигитална картичка, која ќе биде достапна веднаш, подготвена за плаќање во дигиталниот свет од првиот момент и која ќе биде секогаш достапна.
„Многу брзо ќе воведеме целосно дигитална картичка, секој ќе може да си поднесе барање и да си добие картичка на самиот телефон, без физички да ја подигне. Меѓутоа одиме на принципт digital first not digital only, затоа што оставаме можност на клиентите кои се уште сакаат да користат пластични картички, да си ја подигнат картичката физички,“ најави Никола Џамбазовски, главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.
На панел-дискусијата по повод јубилејниот настан во рамките на кој Комерцијална банка и Mastercard одбележаа 30 години од воведувањето на првата платежна картичка во Македонија, Киро Чадиковски, директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки додаде дека со неколку клика ќе се аплицира и картичката во најкус рок ќе биде во вашата мобилна банка, може веднаш да се додаде во некој од дигиталните паричници и ќе може веднаш да се користи.
„Ова е важно бидејќи освен намалувањето на временската бариера и брзина, ја намалуваме и географската бариера. За сите клиенти кои немаат експозитура и филијала во градот каде што живеат, или пак ако сакаат да патуваат во странство и сакаат картичка со некои од бенефитите кои ги има Комерцијална банка во соработка со Mastercard, аплицираат и веднаш ја имаат картичката во телефонот,“ додаде Чадиковски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ














