Од 1.000 плаќања во месец, до 1.000 во минути: Како се менуваа навиките на граѓаните во плаќањето со картички

Кога пред 30 години, Комерцијална банка ја воведе првата картичка за плаќање, имало околу 1.000 трансакции месечно, а денес има над 1.000 трансакции за само 2-3 минути .

Никола Џамбазовски, главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка вели дека не било едноставно пред 30 години да се влијае на менувањето на навиките при платежните услуги како кај купувачите, така и кај продавачите.

„Од денешна перспектива е нормално и разбирливо бидејќи сите нивни стравови, прашања, дилеми во тоа време се базирале на дотогашните искуства. Затоа и при воведувањето на иновациите секогаш треба да внимаваме, истото да не го форсираме.

Секој клиент си има сопствена динамика и време кога ќе се приклучи на новините. Тоа што отвараме една врата, не треба да значи дека ја затвораме претходната. Треба на индивидуален пристап да оставиме темпото и брзината, со кои, секој клиент согласно неговите преференци ќе се приклучи на новините,“ изјави Џамбазовски на панел дискусијата „30 години партнерство, 30 години иновации“, на која Комерцијална банка и Мастеркард прославија јубилеј.

Тој додаде дека пред 30 години се убедувале со продавачите за корисноста на пост терминалите, а после 30 години со нив работат на сосема нови целосно нови дигитални концепти на нивното продажно место, како во реалниот така и во виртуелниот свет.

„Кога зборувам за услуги, крајната цел е искуството кое што го имаат клиентите односно, дали иновациите го олеснуваат животот на нашите клиенти и дали прават разлика во нивното секојдневно функционирање.

Најважно е како клиентот се чувствува кога плаќа, кога купува, кога патува, кога управува со своите финансии. На клиентите треба да им ги овозможиме иновациите на што повеќе видливи уреди, а нивната одлука е како тоа ќе го користат.

Во денешно време и во иднината, плаќањето треба да биде поврзно со тоа каде се наоѓа клиентот, а не каде е неговиот паричник, телефон или паметен часовник.

Новите технолошки решенија ги воведуваме заради воведување на корисничкото искуство на клиентите кои го штедат нивното време, ја зголемуваат брзината и ефикасноста на нивното функционирање со сопствените финансии,“ додаде Џамбазовски, потенцирајќи дека брзината и сигурноста се водилки при креирањето на иновации, но истите понекогаш се во колизија.

Тој изјави дека брзината денес не е предност туку неопходност, а времето на планирање и тестирање на нови продукти се стеснува и се намалува.

„Следува интересен период, ако до сега сме имале 8 терминали и ги поделиме на 30 години, станува збор за нова технологија на секои 3-4 години. Но најверојатно промените што се случувале за тие 3-4 години ќе се случуваат за 3-4 месеци. И ќе видиме каде ќе не однесе имагинацијата на среден и долг рок и дали ќе го подобриме човечкото искуство во предвидување на новите технологии,“ рече Џамбазовски, кој е дециден дека сите иновации мора да овозможуваат интуитивно користење на услугата.

Киро Чадиковски, директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки додаде дека сите сакаат со еден клик да е брзо, но регулативата си го прави своето да е и безбедно.

„Еден од клучните аспекти кои треба да се прави е менувањето на навиките а тоа е процес, кој што нема крај. Денес сме најголем прифаќач на картички со пазарно учество од над 33% во физичкиот свет и над 44% во виртуелниот свет. Овие бројки кажуваат дека секоја втора трета трансакција во земјата поминува во системот на Комерцијална Банка,“ додаде Чадиковски.

Зборувајќи за бројките, сподели и информација за рекордот на Комерцијална банка кој се случил лани на 30. декември кога имало 12,75 трансакции во секунда.

Бартош Чиолковски, генерален директор на Mastercard за Југоисточна Европа рече дека Македонија добро се вклопува во европскиот просек кога станува збор за личните плаќања со картичка.

Најголем дел од личните плаќања, се случуваат преку електронски плаќања. Во ЕУ во просек е 27% кај вас 22%, што значи навистина добро се вклопувате во европските земји и тоа е голем раст во последните неколку години.

Ако гледаме во однос на број на пост терминали по број на жители, Македонија денес имаме околу 20, а  просекот во ЕУ е околу 40, меѓутоа мора да знаете дека во ЕУ има и земји кои имаат помалку од 20, така што во просек стоите навистина добро,“ додаде Чиолковски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Комерцијална банка најавува дигитална картичка

Какво ќе биде плаќањето во иднина – ќе користиме картички или вештачката интелигенција ќе го прави тоа за нас

Комерцијална банка и Mastercard одбележаа значаен јубилеј – 30 години од воведувањето на првата платежна картичка во Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести