еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

„Костал Македонија“ ќе произведува батерии за електрични хибридни возила за „Фолксфаген“

Полначи за електрични хибридни возила од групацијата „Фолксваген“, од средината на 2024 година ќе се произведуваат во компанијата Костал во Охрид. Тоа беше соопштено по денешната средба на вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи со раководството на Костал, главниот оперативен директор и член на Управниот одбор, Хансјорг Херман и генералниот директор на „Костал“ Македонија, Виктор Мизо, во присуство на заменик-амбасадорот на Германија, Ото Граф.

– Ова е производство со висока додадена вредност, што е исклучително важно за развојот на нашата економија. Разговаравме и за потпишување нов договор за државна помош и на овој нов многу значаен проект во вредност од 25 милиони евра и нови 200 вработувања во првичната фаза, а со кое е планирано производство на овие полначи да започне во 2024 година, информира Битиќи.

Според него, тоа е доказ дека политиките на Владата за поддршка на инвестиции, кои се дел од вредносниот ланец со високо софистицирана технологија навистина функционира.

– И не само тоа, туку и дека со правилен и навремен одговор на глобалната криза во која прекините на вредносните ланци од Далечниот Исток предизвикаа дополнителен притисок за самите економии. Ние ќе ги поддржиме сите компании кои своите вредносни ланци ќе ги развиваат во нашата земја.

И затоа денеска зборувавме како можеме уште повеќе да ги донесеме вредносните ланци и до одреденото производство, кое е во земјите зафатени од кризата во нашата земја. Ова е одговорот на глобалната криза и ние сме на правиот пат, иако сум свесен дека во моментов е тешко и можеби не можеме јасно да го видиме излезот.

Но, велам, излез има. Само доколку делуваме партнерски и солидарно и секако доколку паметно ги планираме и исполнуваме следните чекори, рече Битиќи.

Доброто работење на компаниите како Костал, кои својата доверба за развој ја даваат токму во нашата земја и ги шират своите операции и вредносни ланци тука, според него, тука се исклучително важни и изрази уверување дека во Владата имаат партнер, кој ги поддржува.

– Затоа, во моментов овде работат над 950 квалификувани наши сограѓани со просечна бруто плата од 850 евра. Градиме поволен и предвидлив деловен амбиент за нови инвестиции. Токму затоа сериозните инвеститори како што е Костал кои веќе го вложиле капиталот во земјава размислуваат за инвестиции и во други индустрии и други локации во земјава. И тоа го прави токму оваа компанија, заклучи Битиќи.

Тој посочи дека Владата ќе продолжи со поддршка на инвестициите, кај сите компании, вклучлувајќи го и автомобилскиот сектор.

– Зголемен е фондот за поддршка на компаниите, коишто влегуваат во инвестиции. Денеска сме во Костел заради новиот инвестициски циклус што го започнуваат и тој ќе биде поддржан. Разговарано е и за друг вид поддршка за зачувување на работните места како што беше во периодот на ковид не само во автомобилскиот сектор, туку и во други сектори каде што се најпогодени, додаде Битиќи.

Генералниот директор на Костал, Виктор Мизо појасни дека од средината на 2024 година планираат да ги произведуваат сите системи на полначи, кои се ставени – монтирани внатре во возилата на групацијата „Фолксваген“. Тука ќе влезат „фолксваген пасат“, „шкода октавија“, „ауди“, „порше“… “, сите хибридни возила и идните системи кои ќе ги користат, ќе бидат произведени во Костал во Македонија.

– Досега Костел има вложено над 100 милиони евра, а за новата инвестиција планот е да синвестираат нови 25 милиони евра и 200 дополнителни вработувања, со потенцијал да биде зголемена на 40 милиони евра и 350 нови вработувања.

Тоа ќе биде нешто што ќе биде одлучено во нашите разговори со „Фолксваген“ во следните две до три недели и тоа значи дека ова ќе биде технолошки најсофистицираниот производ кој се произведува во рамките на Костел групацијата и ќе се произведува за Европа токму овде, рече Мизо.

Тој посочи дека размислуваат и за други други дејности во рамки на Костел Групацијата кои се надвор од автомобилската индустрија.

За заменик амбасадорот на Германија во земјава Ото Граф, Костал е многу значајна инвестиција во земјава.

– Тука се користи најсовремена технологија за производство и претставува добар пример за тоа како Германија и Северна Македонија може да соработуваат на полето на економија. Денес зборувавме и за потешкотиите со кои се соочуваат сите компании во моментот преку растот на цените и ситуацијата во Украина.

Добро е што можеме заеднички да изнаоѓаме решенија со цел економската соработка да биде со највисок квалитет и Костал претставува еден од клучните елементи во овој дел, заклучи Граф.

Тој оцени дека побарувачката во автомобилскиот сектор е релативно добра, но се соочуваат со проблем со достапноста на одредени делови кои се произведуваа во Украина.

– Автомобилот е сложен производ, па доколку еден или два дела не се достапни тогаш не можете да го комплетирате производот. Ова претставува проблем за сите оние кои работат на ова поле и затоа сме тука во Северна Македонија, за да видиме што може да се направи за поефективно производство, додаде Граф.

МИА/Фото: Битиќи/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Весна Белешовска Бунтеска назначена за извршна директорка на ЗК „Пелагонија“

Редакција

Болниците се полнат, во потешка состојба 54 пациенти заразени од корона вирусот

Редакција

Минималната синдикална кошничка за декември 51.235 денари

Редакција