Во Бигорската свештена обител успешно беше спроведена втората регионална летна крводарителска акција под мотото: “Дарувај крв – спаси живот!“.
„Во текот на акцијата беа собрани 66 крвни единици, зад кои стојат исто толку дела на несебичност, пожртвуваност и грижа за непознатиот ближен. Секој што денес подаде рака и даруваше дел од својата крв, стана тивок соработник во спасувањето човечки животи и носител на надеж за оние што се соочуваат со болест, страдање или животна опасност.
Крводарителството е едно од највпечатливите сведоштва дека љубовта не е само убаво чувство или благородна мисла, туку конкретно дело, лична жртва и подготвеност да му се помогне на човекот што можеби никогаш нема да го запознаеме.
Особена радост за нас е што во оваа акција крв даруваа лица од разни народности и религиски припадности, со што уште еднаш се потврди дека милосрдието ги надминува сите човечки поделби и нè собира во едно заедништво на љубовта. Дарителот не прашува кому ќе му биде дадена неговата крв, од која народност, вера или општествена средина е примателот. Тој едноставно дарува, знаејќи дека од другата страна се наоѓа човечка личност, создадена според образот Божји.
Една дарувана крвна единица не е само медицинска потреба – таа е нечија надеж, нечија молитва, нечија нова можност за живот,“ информираат од таму.
Ова благородно и човекољубиво дело се одржа со благослов на епископот Антаниски г. Партениј, во организација на Општинската организација на Црвениот крст – Гостивар, во соработка со Бигорскиот манастир и Институтот за трансфузиона медицина, како и со придонес од Општинската организација на Црвениот крст – Дебар.






Фото/извор: bigorski.org.mk














