еМагазин
Image default
Балкан

Косовската Самоопределување ќе дејствува како политички субјект и во Македонија, најави Курти

Лидерот на движењето самоопределување (ВВ) и доскорешен премиер на Косово, Албин Курти најави дека неговата партија наскоро ќе дејствува како политички субјект и во Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.

На собирот по повод 21-годишнината од ослободувањето на Косово и 15-годишнината од основањето на ВВ, Курти изјави дека: „Самоопределување ги освои срцата“ на сите Албанци во сите албански средини во регионот.

– Ние го имаме нашиот центар во Албанија, а ја покренуваме иницијативата за основање на Движење самоопределување и во Македонија, порача Курти на крајот од својот говор пред неколку илјади граѓани на собирот на плоштадот „Скендербег“ во центарот на Приштина.

Според доскорешниот косовски премиер, неговата партија „веќе е порасната и проширена на сите албански територии“.

– Самоопределување ќе има и во Албанија, во Македонија, во дијаспората и насекаде. Во Косово набргу ќе има избори и ВВ ќе го добие мнозинството гласови, рече Курти, порачувајќи дека сета власт во Косово ќе ја има неговата партија.

Потпретседателот на партијата, досегашниот вицепремиер Хаки Абази, порача дека „Албанија и Косово наскоро ќе имаат причина заедно да слават“, откако ВВ ќе победи на наредните избори.

– Цела Албанија ги имаше очите вперени кон Косово оваа пролет. Албанија сфати дека ВВ ја изгуби власта, но само привремено. Албанија знае дека ВВ ги освои срцата на Албанците насекаде, во Албанија, Македонија, Медвеѓе и во целата дијаспора, порача Абази.

Лидерот на ВВ, Курти беше избран за премиер на Косово на 3 февруари годинава, откако неговата партија победи на изборите од 6 октомври, минатата година.

На 25 март Собранието на Косово, на иницијатива на неговиот дотогашен коалиционен партнер, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), му изгласа недоверба, додека на 3 мај беше избрана новата влада, предводена од Авдулах Хоти од ЛДК. ВВ ѝ го оспорува легитмитетот на новата влада и бара нови парламентрни избори.

МИА/Фото: Курти/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Претседателски избори во Црна Гора: Ѓукановиќ и Милатовиќ одат во вториот круг

Редакција

Косово ќе ги укине таксите на производите од Србија и Босна и Херцеговина

Редакција

Од Нова демократија најавуваат обид за промена на некои од одредбите од Договорот од Преспа

Редакција