Македонија направи значаен чекор кон вклучување во проширениот Вертикален коридор. НОМАГАС АД Скопје, заедно со Transportgas Srbija, за првпат учествуваше во работните разговори на операторите на системите за пренос на природен гас, одржани на 10 јули во Атина, со што Западен Балкан се вклучува во понатамошниот развој на Иницијативата.
„Присуството на НОМАГАС на состанокот ја отвора можноста националниот гасен систем навремено да се вклучи во регионалното планирање на инфраструктурата и прекуграничните капацитети. Во разговорите учествуваа DESFA од Грција, Bulgartransgaz од Бугарија, Transgaz од Романија, Vestmoldtransgaz од Молдавија, FGSZ од Унгарија, EUSTREAM од Словачка и GTSOU од Украина, како и независните оператори Gastrade и ICGB. Компаниите беа претставени од нивните извршни директори и високи раководители,“ информираат од таму.
Во следната фаза ќе се разгледуваат расположливите капацитети на поврзаните системи, точките на интерконекција, планираните инфраструктурни проекти и роковите за нивна реализација. За таа цел, учесниците се договорија да формираат заедничка техничка и комерцијална работна група, која ќе ја координира техничката процена на проширувањето и ќе ја подготви измената и проширувањето на Меморандумот за разбирање. Овој чекор создава основа процесот да премине од координација кон конкретна подготовка за реализација.
„Учеството на НОМАГАС во разговорите во рамките на Вертикалниот коридор е важен чекор кон вклучување на Северна Македонија во пошироката регионална енергетска мрежа. За нас ова значи навремена координација на развојот на домашниот систем со интерконекторите кон Грција и Србија и создавање услови за пристап до повеќе извори и повеќе правци на снабдување. Проширувањето на Коридорот дополнително го зголемува значењето на националните инфраструктурни проекти за сигурноста, стабилноста и флексибилноста на снабдувањето со природен гас“, изјави Недим Рама, извршен директор на НОМАГАС АД Скопје.
Вертикалниот коридор се развива во интегрирана регионална платформа за енергетска соработка, а не претставува еден посебен гасовод. Тој ги поврзува постојните и новите национални системи, интерконектори, терминали и прекугранични точки, со цел да се зајакнат сигурноста на снабдувањето, диверзификацијата на изворите и транспортните правци, отпорноста на енергетската инфраструктура и интеграцијата на пазарите на гас во Југоисточна и Централна Европа, вклучително и во Западен Балкан.
На дел од состанокот присуствуваа и министерот за животна средина и енергетика на Грција, Ставрос Папаставру, и министерката за енергетика на Република Бугарија, Ива Петрова. Тие ја изразија својата политичка поддршка за иницијативата и го поздравија вклучувањето на Северна Македонија и на Србија во регионалната енергетска архитектура што се создава.
За Македонија, проширувањето на Вертикалниот коридор е непосредно поврзано со развојот на интерконекторот со Грција и со подготовките за интерконекторот со Србија. Овие проекти треба да овозможат поврзување со поширок круг извори, снабдувачи и транспортни правци и да ја намалат зависноста од една влезна точка.
Операторите ја потврдија својата посветеност да продолжат со тесна координација на техничко и оперативно ниво, со цел проширувањето на Вертикалниот коридор да се реализира навремено и да се зајакне неговата улога како сигурна и конкурентна енергетска артерија за Југоисточна и Централна Европа и за Западен Балкан.














