„Макпетрол“ и ФФМ потпишаа договор за поддршка на македонската фудбалска репрезентација

„Макпетрол“ ја продолжува својата долгогодишна определба за поддршка на македонскиот спорт, започнувајќи соработка со Фудбалската федерација на Македонија и со поддршка за македонската А-репрезентација. Во текот на своето повеќедецениско постоење, компанијата континуирано вложува во спортот и во спортистите кои ја претставуваат земјата на најголемите домашни и меѓународни натпреварувања, информираат од таму.

Почетокот на соработката беше одбележан со потпишување договор меѓу претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, и главниот оперативен директор на „Макпетрол“, Марија Јосифовска-Спасовска. Соработката ги поврзува двете организации околу заедничка цел: поддршка на репрезентацијата која го претставува македонскиот фудбал на највисоко ниво. 

За „Макпетрол“, таа претставува продолжување на долгорочниот пристап кон спортот како важен дел од општеството и како простор во кој посветеноста, дисциплината, тимската работа и стремежот кон успехот добиваат своја највидлива форма.

– Македонската фудбалска репрезентација обединува огромен број луѓе околу заедничката желба за успех и достоинствено претставување на нашата земја. Токму затоа ни претставува задоволство што „Макпетрол“ станува нејзин поддржувач. Спортот отсекогаш имал важно место во нашето општествено делување и низ годините сме стоеле зад спортисти и спортски колективи кои со својата работа поставуваат високи стандарди. Веруваме дека оваа соработка ќе придонесе кон создавање уште подобри услови за националниот тим и со големо внимание ќе ги следиме неговите следни предизвици, изјави Марија Јосифовска-Спасовска, главен оперативен директор на „Макпетрол“.

Претседателот на ФФМ Омерагиќ истакна дека задоволство ни е што „Макпетрол“, компанија со долгогодишна традиција и значајно присуство во македонското општество, ја препозна важноста на македонската фудбалска репрезентација и се приклучи како нејзин поддржувач.

„За нас, секое партнерство со домашна компанија која верува во спортот и во вредностите што ги носи фудбалот има посебно значење. Репрезентацијата е повеќе од фудбалски тим. Таа ги обединува навивачите, создава чувство на припадност и со секој настап ја претставува Македонија. Затоа ни е важно околу националниот тим да создаваме силна мрежа на партнери и пријатели кои ќе бидат со нас и во добрите моменти и во предизвиците што следуваат. Верувам дека оваа соработка ќе биде успешна и долгорочна и дека заедно ќе продолжиме да придонесуваме за развој и афирмација на македонскиот фудбал,“ рече тој. 

Со новата соработка, „Макпетрол“ ја проширува поддршката за македонскиот спорт и ја продолжува определбата да биде партнер на спортистите и тимовите кои со своите настапи ја претставуваат Македонија пред домашната и меѓународната јавност, посочуваат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести