21-годишната Мартина Ристевска, денеска сведочеше на судското рочиште за „Пулс“. Таа рече дека обезбедувачите во т.н. дискотека го жртвувале своето здравје за да спасат што повеќе животи и без нивната акција ќе имало многу повеќе жртви. Тие помагале иако и самите биле во лоша состојба и според нејзините искази, повраќале црно, ама ставале маица преку устата и носот и пак се враќале внатре да извлекуваат луѓе.
Кристијан Китанов, исто така рече дека обезбедувањето и нему му помогнало и го извлекле. Тој сведочеше дека предвреме дознавале кога ќе доаѓа полиција и ќе прави рација, а вечерта имало малолетници кои кога дошла полицијата се криеле во тоалетите.
„Околу 2:34, мислам дека тогаш почна пожарот. Се слушна викотница и некој извика „се запали“. Тргнав кон влезната врата, но на средината застанавме, настана стампедо. Сите се туркавме, немаше како да се излезе.
Имаше голема топлина, чад, искри паѓаа од плафонот, црни парчиња гореа и паѓаа врз нас. Паднав на грб. Добив изгореници од втор степен. Почна да ме фаќа паника, се туркав колку што можев. Кога стигнав до вратата, повторно паднав. Левата потколеница ми беше изместена.
Почнав да молам за помош да ме спасат. Го видов Лазо, го викаат Портокалот. Тој се обидуваше на разни начини да ме извлече, но бев заглавен под други луѓе. Имаше многу чад, немаше струја.
Топлината беше неподнослива. Гледав како кожата на десната рака почнува да се лупи од изгорениците. Се обидував да го заштитам лицето, но десната страна ми беше изгорена. Еден од полицајците, Драган Казак, се обидуваше да ми помогне. Веќе се чувствував безнадежно, почнав да се гушам, не можев да дишам. Лазо ми рече да му ја подадам раката. Со помош на мојот вујко, кој бил таму, успеале да ме извлечат. Потоа паднав во несвест. Не се сеќавам на сè. Ме полеале со шише вода, ме качиле во автомобил и ме однеле во болница,“ раскажа Китанов.
Придружниот вокал Ана Костадиновска, одговарајќи на прашања за тоа кој ги поставил и активирал пиротехничките прскалки, изјави дека нема сознанија за тоа и дека никогаш не видела кој ги поставува во клубовите каде што настапувале со групата.
Опишувајќи го моментот кога избувнал пожарот, рече дека кратко по почетокот на настапот почувствувала топлина, а починатиот Владимир Блажев Панчо ги повикал присутните да ја напуштат салата, но во првиот момент малкумина сфатиле дека станува збор за сериозна опасност.
Музичарот Горан Тонев изјави дека пиротехничките средства биле поставени уште пред тие да се качат на сцената, но дека не знае кој ги поставил, ниту кој ги активирал. Тој опиша дека огнот се проширил многу брзо, проследен со густ чад во просторот.
Васко Спасовски, ПР менаџер на групата ДНК, рече дека дека пиротехничките средства биле купени легално од продавница во Кисела Вода и дека Панчо бил “моторот на бендот“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Газда Деко останува во затворот во Куманово- проблемот бил во душекот, не во нечовечките односи
Судечкиот совет не го прифати предлогот на бранителите, за спојување на предметите за „Пулс“
Фото: Игор Бансколиев














