Муцунски ѝ укажал на бугарската колешка за почитувањето на правата на Македонците во Бугарија, таа пак бара гаранции за правата на Бугарите во Македонија

На маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Хелсингборг, Шведска, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски ја имаше својата прва официјална средба со неговата бугарска колешка Велислава Петрова Чомова.

Како што информираше Муцунски на Фејсбук, двајцата размениле мислења за билатералните односи, регионалната соработка и европската интеграција на државата.

-Ја нагласив потребата од изнаоѓање решение за билатералното прашање, кое го кочи процесот на отворање на преговорите со Европската Унија, реафирмирајќи ги позициите на Владата и укажувајќи дека темите поврзани со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на разговори, напиша тој.

Разговарале и за значењето на Коридор 8 и потребата од забрзување на активностите поврзани со отворањето на граничниот премин „Клепало“, како важен дел од регионалната инфраструктурна и економска поврзаност.

-Го отворив и прашањето за почитувањето на правата на македонското малцинство во Бугарија, нагласувајќи ја потребата од доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, напиша Муцунски.

Бугарската министерка пак за средбата на Х напиша дека Софија опстојува на барањето за „целосна имплементација на обврските преземени со консензусот постигнат во јули 2022 година“ и дека тој консензус останува „клучен“ за македонскиот европски пат.

Потенцира и дека гаранциите за првата на Бугарите во Македонија остануваат приоритет за Бугарија. 

Од бугарското Министерство за надворешни работи пак информираат и дека двајцата ја потврдиле стратешката важност на забрзаната изградба на Коридорот 8 за просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот и Европа.

-Особено, потребни се конкретни чекори за заедничка изградба на прекуграничниот железнички тунел по стапувањето во сила на Меѓувладиниот договор од 6. ноември 2025 година, велат од таму.

Од таму додаваат и дека министерката Петрова го потврдила конзистентниот став на Бугарија дека целосното спроведување на обврските преземени кон ЕУ во рамките на европскиот консензус од јули 2022 година е единствената гаранција за одржлив напредок на Македонија на нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ и дека за Бугарија, приоритет ќе продолжи да биде целосното гарантирање на правата на Бугарите во Македонија.

Фото: МНР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести