Кој беше Ристе Велков

Страшната сообраќајна несреќа во која загина оперскиот пејач Ристе Велков (51), неговиот син Адам Велков (20) и уште две момчиња на 20-годишна возраст – П.М. и М.Ѓ., сите од Скопје, е во фокусот на јавноста.

Момчињата биле другари на синот на Велков.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Оперскиот пејач Ристе Велков и неговиот син се меѓу загинатите во сообраќајката кај скопската обиколница

Несреќа се случи кај скопската обиколница помеѓу надвозник Визбегово и клучката Мирковци откако во возилото кое го управувал Ристе Велков, удрил камион со полуприколка, управувано од 76-годишниот Б.Б. од Косово, кој е уапсен.

Тој откако изгубил контрола над возилото со него преминал преку металната ограда во спротивната насока на автопатот при што удрил во возилото кое го управувал Велков.

Кој беше Велков

Велков беше еден од водечките македонски баритони и еден од најхаризматичните оперски солисти.

Роден е во 1975 година во Скопје.

Средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје во 1994 година, во класата на проф. Марија Николовска, смер соло-пеење.

Дипломирал на Факултетот за музичка уметност при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1999 година, во класата на м-р проф. Милка Ефтимова.

Магистрирал со највисока оцена cum laude во 2011 година на истиот факултет, во класата на м-р проф. Билјана Јовановска Јакимовска, смер соло-пеење.

Во периодот 1995–2000 година ги гради основите на оперското пеење кај македонскиот тенор Гога Трајанов.

Своето уметничко усовршување го продолжува кај драмскиот тенор Стојан Стојанов Ганчев од Загреб, како и кај познатите италијански вокални педагози Антонио Бојер и Мирела Паруто, и светски познатиот романски баритон Николај Херлеа.

Од 2001 до 2017 година се специјализира и го надградува својот репертоар во приватното оперско студио на бугарскиот баритон Стојан Попов во Софија.

Во 1996 година, како студент, дебитира во драмската претстава „Амадеус“ на сцената на Драмски театар – Скопје.

Во 1998 година дебитира на „Мајски оперски вечери“ со улогата на Маруло во „Риголето“.

Во 2009 година настапува на матичната сцена во Македонската опера и балет со насловната улога во „Набуко“.

Во 2016 година настапува во продукција на Tokyo Opera во Јапонија, со улогата на Жорж Жермон во „Травијата“, во Performing Arts Center Ryutopia во Ниигата.

Во 2017 година одржува солистички рецитал во Музеј-куќата на Борис Христов во Софија.

Велков гостувал во Јапонија, Србија, Романија, Турција и Бугарија, а настапувал на речиси сите значајни домашни фестивали и манифестации: „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Штипско лето“, „Есенски музички свечености“, „Мајски оперски вечери“, „Интерфест“ – Битола и други.

Како реномиран солист – првенец на Македонската опера и балет, тој претежно настапувал во белканто продукции, со што го заслужува и епитетот „италијански баритон со кадифена боја“.

Во текот на својата кариера реализираше голем број улоги, меѓу кои повеќе од 15 главни и водечки баритонски остварувања: Набуко („Набуко“), Риголето („Риголето“), Магбет („Магбет“), Грофот Луна („Трубадур“), Жорж Жермон („Травијата“), Дон Карло ди Варгас („Моќта на судбината“), Амонасро („Аида“), Ецио („Атила“), Енрико („Лучија од Ламермур“), Белкоре („Љубовен напиток“), Ескамиљо („Кармен“), Валентин („Фауст“), Шонар („Боеми“), Алфио („Кавалерија рустикана“), Силвио („Палјачи“), Таткото Петер („Ивица и Марица“), Сигизмунд – крал на Полска („Иван Сусанин“), Огнен („Цар Самуил“) и Вангел („Илинден“).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Не ја прилагодил брзината и не се придржувал кон прописите: Обвинителството бара притвор за возачот од Косово за трагедијата кај Мирковци

Објавени фотографии од загинатите момчиња, од нив се прости и нивното поранешно училиште

(Видео) Четири лица загинаа во сообраќајка кај скопската обиколница

Фото: Македонската опера и балет

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести