Основното јавно обвинителство отвори истрага за сообраќајната несреќа кај скопската обиколница помеѓу надвозник Визбегово и клучката Мирковци во која загинаа 20-годишниците Марко Ѓорѓиевски, Петар Миланов и Адам Велков, и 51-годишниот оперски баритон Ристе Велков, татко на Адам Велков.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Објавени фотографии од загинатите момчиња, од нив се прости и нивното поранешно училиште
Косовскиот државјанин Б.Б. (76) кој со камион “ман“ со полуприколка удри во возилото “бмв„, кое го управувал Ристе Велков е осомничен за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
Од таму велат дека Б.Б. возел по северната обиколница на Скопје во насока од запад кон исток.
Притоа, тој не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.
-Кога дошол во близина на клучката Мирковци брзината на движење на возилото не ја приспособил спрема својствата и состојбата на патот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, така што да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка што под дадени услови можел да ја предвиди.
Во еден момент изгубил контрола над возилото и свртел во лево, па удрил и ја пробил металната одбојна ограда и продолжил со движење, преминувајќи на коловозот од автопатот наменет за движење на возилата од спротивната насока, каде во него со предната страна удрил автомобил „бмв“ кој се движел во насока од исток кон запад, велат од Обвинителството.
По ударот како што е познато автомобилот и камионот се запалиле.
Од Обвинителството велат дека бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Четири лица загинаа во сообраќајка кај скопската обиколница














