Велешанец на 55 годишна возраст е првиот случај годинава кај кого е Западно-нилска треска.
Тој моментално е во подобрена општа состојба и е под медицински надзор.
Како што информираа од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) тој не патувал надвор од државата и нема податок за контакт со лица со слични симптоми. Живее во подрачје каде поретко се регистрираат комарци, и ретко излегувал од домот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Западно-нилска треска регистрирана кај 55-годишник од Велес
Ризикот за населението во Македонија во моментов од ИЈЗ се оценува како среден, а истиот може значително да се намали со спроведување на препорачаните превентивни мерки за заштита од убоди од комарци.
Лани во Македонија имаше два автохтони и лабораториски потврдени случаи на Западно-нилска треска. Едно лице било хоспитализирано поради појава на невроинвазивна форма на болеста.
Што е Западно нилска треска и како се пренесува
Западно нилска треска e вектор-пеносливо вирусно заболување предизвикано од West Nile Virus (WNV) кое се одржува преку еден ензоотски циклус меѓу комарците (Culex, Aedes) и птиците (најчесто дивите птици).
Луѓето и коњите се случајни, крајни домаќини на заболувањето. Инфекцијата помеѓу нив се пренесува преку комарците.
Луѓето најчесто се заразуваат по каснување од заразен комарец.
Болеста не се пренесува од човек на човек, освен во исклучително ретки случаи преку трансфузија или трансплантација.
Периодот на инкубација вообичаено трае од 3 до 14 дена.
Кои се симптомите
Кај најголем дел од заразените лица (80%) инфекцијата поминува без симптоми.
Кај дел од пациентите може да се јават покачена температура, главоболка, осип, малаксаност и болки во мускулите, а кај помал број лица (1%) може да се развие тешка форма со воспаление на мозокот, мозочните обвивки или појава на парализи.
Не постои специфична терапија ниту вакцина, а третманот воглавно е насочен кон лекување на симптомите.
Најдобар начин за превенција е избегнување на убод од комарци кои се преносители на заболувањето.
Како да се заштитите од комарци
Користете репеленти при престој на отворено.
Носете облека со долги ракави и ногавици.
Поставете заштитни мрежи на прозорците и и вратите.
Избегнувајте непотребен престој на отворено во зори и самрак кога комарците се најактивни.
Не дозволувајте задржување на застоена вода во дворовите, (буриња, гуми, садови.)
Граѓаните кои ќе развијат симптоми по убод од комарец, особено покачена температура, главоболка, осип или невролошки симптоми, потребно е веднаш да побараат лекарска помош.
Фото: МЗ














