Рубин Земон поднесе оставка од ИО на СДСМ по навредливите изјави за Гоце Делчев и средбата со Стојанов, кој застапува ставови против Македонија и македонскиот народ

Функционерот на опозициската СДСМ, Рубин Земон се повлече од Извршниот одбор на партијата по навредливите изјави за македонскиот револуционер Гоце Делчев и средбата со Виктор Стојанов, претседател на бугарската фондација „Македонија“, кој отворено застапува ставови против Македонија и македонскиот народ.

Како што информираше самиот Земон на Фејсбук, таква одлука донел за да го заштител угледот на СДСМ од „непринципиелните напади кон него и да не биде товар на партијата во нејзините напори за уривање на актуелната власт“.

Земон предизвика бура од негативни реакции откако во поткаст кажа дека: „Гоце Делчев ништо не напишал во животот, ниедна битка не извојувал никаде, а кај нас од него е направен мит“.

По реакциите се извини и рече дека бил погрешно разбран.

За средбата со Стојанов, кој има доживотна забрана за влез во Македонија, пак вели дека била случајна и оти незнаел кој бил тој.

„Со мојот син седевме во трговски центар во Софија кога ми пријдоа луѓето, ми кажаа дека ме препознале кој сум и прашаа дали може да седнат со нас на кафе и да направат фотографија. Првично не знаев дека станува збор за луѓе од фондацијата. Кратко поразговаравме за случувањата во двете земји и тоа беше сѐ“, вели тој.

За член на Извршниот одбор на СДСМ беше избран на крајот на март годинава.

Земон беше и посебен советник за развој на мултикултурно општество во Кабинетот на поранешниот премиер Зоран Заев.

Во 2019 година стана пратеник и е првиот Египќанец кој бил народен избраник.

Фото: Земон/Фејсбук/фондација Македонија/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести