Над 100 претставници на технолошки компании, институции и организации од Македонија и Грција ќе се соберат денеска во Скопје на „North Macedonia – Greece Digital Bridge & Business ICT Forum”, со една главна цел – нови партнерства, нови клиенти и нови бизнис можности, информираат од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, која го организира истиот во соработка со грчката асоцијација SETPE.
Како што информираат од таму форумот ќе биде место каде што компаниите од двете земји ќе разговараат за конкретна соработка, заеднички проекти и настап на регионалните и европските пазари.
Според организаторите, станува збор за еден од најголемите билатерални настани меѓу Македонија и Грција во последните години, со повеќе од 140 однапред организирани деловни средби меѓу компаниите и кој за прв пат се одржува на ниво на оваа индустриска гранка.
„Нашата цел е од овој форум да произлезат нови договори, а не само нови визит-картички. Веруваме дека македонските и грчките компании имаат многу повеќе простор за соработка отколку што денес го користат и токму затоа ги создаваме овие можности за директни средби меѓу нив”, вели претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски.
Во рамки на форумот ќе биде потпишан и Меморандум за соработка помеѓу МАСИТ и SETPE, со кој двете организации ќе воспостават поинтензивна соработка во областа на дигиталната економија, иновациите и технолошкиот развој.
Настанот ќе биде отворен од претставници на МАСИТ и SETPE, а најавено е учество и на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заменик-министерот за дигитална трансформација, Радослав Настасијевиќ Варџиски и амбасадорката на Грција, Софија Филипиду.
Покрај официјалниот дел, ќе се одржат презентации на компании од двете земји, како и B2B средби посветени на создавање нови деловни партнерства и развој на конкретни бизнис иницијативи.
Форумот ќе се одржи на во хотел „Holiday Inn” во Скопје со почеток во 9 часот.
Фото: Unsplash













