Силното невреме проследено со ветер, дожд и локални поројни врнежи предизвика материјални штети во повеќе региони низ државата. Регистрирани се паднати дрвја, оштетени кровни конструкции, прекини во електроснабдувањето и други последици, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Екипите на надлежните институции се на терен и работат на расчистување на штетите и нормализирање на состојбата.
Во Скопскиот регион, по 17 часот преку Единствениот број за итни повици 112 се примени над 9.000 повици од граѓани, од кои најголемиот дел се однесуваат на последиците од невремето. Најчести пријави се за паднати дрвја, оштетени возила и кровни конструкции, скинати електрични кабли, паднати бандери и други оштетувања на територијата на сите скопски општини.
Во Полошкиот регион, на подрачјето на Тетово, нема регистрирани потешки случаи кои барале итни интервенции. Пријавени се помали материјални штети, а надлежните служби ја следат состојбата.
Во Вардарскиот регион, кој ги опфаќа Велес, Свети Николе, Лозово, Кавадарци и Неготино, се регистрирани паднати дрвја и гранки, оштетени кровови и настрешници, како и прекини на електричната мрежа. На терен се ангажирани противпожарните единици, јавните комунални претпријатија, полицијата и екипи на ЕВН.
Во делови од Свети Николе, Лозово, Чашка и околните населени места има прекини во снабдувањето со електрична енергија поради оштетувања на инфраструктурата. Во индустриската зона во Кавадарци, поради паднати електрични жици, избувнал пожар кој бил брзо локализиран.
Во Североисточниот регион, на подрачјето на Куманово, се пријавени паднати дрвја, оштетени фасади и кровни конструкции, паднати кровови, како и оштетувања на електричната инфраструктура. Регистрирани се и случаи на паднати дрвја врз возила, при што е предизвикана материјална штета.
Во Пелагонискиот регион, последици од невремето се регистрирани во делови од прилепскиот регион. Откорнат е лимен кров од управната зграда на ЈП „Национални шуми – Црн Бор“, а вработените работат на отстранување на последиците.
Во Источниот регион, во Штип, Кочани, Пробиштип и Виница, се евидентирани повеќе оштетувања предизвикани од силниот ветер и дожд.
Во Пробиштип има паднати дрвја и гранки, оштетени кровови на приватни и стопански објекти, паднати оџаци и оштетени возила. Поради последиците од невремето бил блокиран патниот правец од село Ратавица кон Злетово, а регистрирани се и прекини во електроснабдувањето.
Во Кочани се пријавени оштетени кровни конструкции, паднати дрвја и гранки, навалени бандери и поплавени подрумски простории. Околу 80 проценти од градот останал без електрична енергија, а поради прекин на работата на пумпите било нарушено и водоснабдувањето. Одржан е состанок на Општинскиот кризен штаб.
Во Штип се регистрирани повеќе паднати дрвја и гранки кои го отежнувале сообраќајот, оштетена е кровна конструкција на објект на улицата „Вита Поп Јорданова“, а околу 50 отсто од кровната конструкција на Клиничката болница Штип била подигната од силниот ветер. Регистрирани се и поплавени болнички простории. Екипи на ТППЕ Штип и јавните претпријатија се на терен.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Вознемирувачки снимки од невремето во Скопје
Фото/еМагазин.мк














