Во Скопје во невремето оштетени 117 автомобили и 35 покриви, паднале 189 дрва и седум семафори, предизвикани пет пожари: Детали од МВР

Вчерашното невреме предизвика најголема штета на подрачјето на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје, каде до 22:00 часот биле евидентирани 117 оштетени патнички моторни возила и 35 покриви, биле пријавени 189 паднати дрва и седум семафори, биле предизвикани пет пожари, а биле повредени и 10 лица, информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Дополнително, оштетени се повеќе објекти од витално значење, меѓу кои објектите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Јавното обвинителство.

На подрачјето на СВР Куманово пријавени се девет оштетени возила и три оштетени кровови.

На подрачјето на СВР Тетово евидентирани се пет настани, од кои три оштетувања на патнички моторни возила и две оштетувања на кровови, додека на подрачјето на Гостивар нема пријавени оштетувања ниту повредени лица.

На подрачјето на СВР Велес пријавени се две оштетувања на патнички моторни возила предизвикани од паднати дрвја.

На подрачјето на СВР Струмица пријавени се паднати електрични столбови во селата Доброшинци и Градошорци, како и прекин на снабдувањето со електрична енергија во селото Свидовица.

На подрачјето на СВР Битола не се регистрирани значителни последици. Само на подрачјето на ПС Македонски Брод е забележан краткотраен силен ветер, без пријавени материјални штети или паднати дрвја.

На подрачјето на СВР Штип регистрирани се 14 оштетувања на патнички возила и шест оштетувања на кровни конструкции.

Во рамки на Регионалниот центар за гранични работи Север, најзначајни последици се регистрирани на ГП Меѓународен аеродром Скопје, каде поради протекување на кровот беше предизвикан прекин на работењето на излезот од државата во траење од околу час и половина.

Во Транзитниот центар Табановце се регистрирани оштетувања на дел од привремените објекти за сместување на мигранти (шатори и помошни објекти), како и паднати дрвја без предизвикана материјална штета.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Вознемирувачки снимки од невремето во Скопје

Колку беше силен ветерот во Скопје кој предизвика голема штета, а има и повредени лица

15 лица се повредени како последица на невремето во Скопје

Фото: еМагазин.мк

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести