15 лица побарале медицинска помош како последици на повреди добиени од силното невреме кое го зафати Скопје.
На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) се примени девет повредени. Директорот на клиниката, Игор Мерџаноски, информираше дека две лица се со потешки повреди.
Едната пациентка е со повреда на главата и е префрлена на Клиниката за неврохирургија, додека другата се здобила со скршеница на раката. Останатите повредени се со полесни телесни повреди и се под медицински надзор.
Во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ биле примени шест лица. Директорот на установата, Небојша Настов, изјави дека сите пациенти имаат посекотини и набиеници и се третираат амбулантски.
„Тројца пациенти по прегледот се пуштени на домашно лекување, додека тројца сè уште се во фаза на испитување. Сите се во стабилна состојба и засега нема индикации дека ќе има потреба од хоспитализација“, рече Настов.
Тој појасни дека еден од пациентите бил повреден од паднато дрво, друг од лим кој се откачил од покрив, а трет од паднати керамиди.
Во меѓувреме, директорот на Градската општа болница „8 Септември“, Синиша Стојаноски, информираше дека во оваа здравствена установа не биле примени повредени од невремето, но дека болницата претрпела значителна материјална штета.
Според него, најсериозни оштетувања има на кровот и кровната конструкција, а точниот обем на штетата ќе биде утврден по увидот што ќе го извршат надлежните институции.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото/еМагазин.мк














