(Фото) Откорнати кровови, дрвја и бандери блокирани улици, паднати лимови врз автомобили-силно невреме го зафати Скопје

Откорнати кровови, дрвја и бандери, паднати гранки врз автомобили, непроодни улици во Скопје, поради невремето кое попладнево го зафати Скопје, но и другите градови низ државата.

Од ЦУК информираат дека до 19ч преку Единствениот број за итни повици 112 се евидентирани повеќе од 1.000 повици од граѓани.

„Во Скопје е пријавена падната кровна конструкција од зграда на ул. „Женевска“ бр. 10, при што се оштетени повеќе патнички возила. Регистрирани се и паднато дрво врз моторно возило на ул. „Методија Митевски“, паднато дрво на ул. „Никола Тримпаре“, како и падната кровна конструкција на ул. „Трифун Бузев“.

Исто така, пријавено е дека дел од кровната конструкција на ООУ „Владо Тасевски“ е откорната од силниот ветер. На ул. „Хелсинки“ бр. 5 се регистрирани две паднати дрвја, додека на ул. „Скупи“ бр. 89 паднати дрвја оштетиле електрични кабли, патничко возило и дел од куќа.

Во Куманово е пријавена падната кровна конструкција на булевар „Октомвриска револуција“.

За сите пријавени настани се известени и постапуваат надлежните служби, кои се на терен и работат на расчистување и отстранување на последиците од невремето,“ велат од таму.

Силно невреме попладнево го зафати и Штип.

Фото/еМагазин.мк

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести