Народна банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот останува 2%

Извршниот одбор на Народната банка донел одлука стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во земјава да остане на истото ниво од 2%, информираат од таму.

-Одлуката е донесена врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, според податоците заклучно со вториот квартал од 2026 година. Оваа стапка ќе важи од четвртото тримесечје на 2027 година и се оценува дека таа е соодветна на тековните макрофинансиски услови и на состојбите во банкарскиот систем.

Банкарскиот систем е стабилен и отпорен на шокови, што го потврдуваат резултатите од стрес-тестовите, а се гледа и преку соодветната капитализираност и ликвидност, ниската стапка на нефункционални кредити и солидната профитабилност.

Одлуката за задржување на истата стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот е поткрепена и со макропрудентните мерки преземени на крајот од минатата година и измените кај задолжителната резерва, во билансите на банките, при што се забележува подобрување на структурата на новоодобрените кредити според висината на ЛТВ и ДСТИ, а кај депозитите на домаќинствата и натаму се бележат поволни поместувања од аспект на рочната и валутната компонента.

Ваквата поставеност на макропрудентните мерки би придонесла за ограничување на системските ризици во следниот период и за натамошно задржување на стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести