еМагазин
Image default
Бизнис

Пецовски: Воената криза и инфлацијата креираат големи предизвици, но мора да ги прифатиме како реалност и да ги менаџираме

„Во услови на воена криза и отежнато движење на стоки и услуги што креираше нови услови во меѓународната трговија, како компанија бележиме раст на приходите од продажба на странски пазари од 3,7 отсто.

Тоа е навистина оптимистички сигнал, кој ни дава за право да се фокусираме на реализација на нашите планови и покрај пречките кои се реални, а произлегуваат од нестабилноста на пазарите“, вели претседателот на Управниот одбор и главен извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски во интервјуто за Фактор.мк, коментирајќи го влијанието на кризата во Украина врз работењето и перформансите на македонските извозни компании.

„Навистина сме горди што и во услови на турбуленции на пазарите предизвикани од здравствената и воената криза успеавме да оствариме раст од 5,7 отсто на приходите од продажба, во споредба со истиот период минатата година.

Ова е најголема реализација што компанијата ја остварила во прв квартал од почетокот на нејзиното постoење. Овој факт нѐ радува и е показател дека се движиме во вистински правец“, потенцира Пецовски.

Тој објаснува дека за оваа година компанијата си поставила амбициозна цел за зголемување на приходите од продажба за 20%, а оптимизмот за нејзино остварување го темели на новата развојна стратегија на Реплек, со која се предвидува натамошна модернизација на компанија, освежување на портфолиото на производи, зголемување на продуктивноста и ефикасноста и натамошно јакнење на нејзините позиции на постојните и освојување нови пазари.

„Дел од таа развојна стратегија е и новиот погон со кој ќе се зголеми обемот на производство, што е важен дел на стратегијата за освојување на нови пазари на што сме фокусирани. Во погонот се вложени над три милиони евра и тој ќе овозможи двојно зголемување на капацитетот за производство на полуцврсти дозажни форми, а за 30 проценти ќе се зголеми и капацитетот за производство на течни дозажни форми. Ќе имаме и нови современи форми на пакување како резултат на новата софистицирана опрема со која располага погонот“, објаснува главниот извршен директор на „Реплек АД“.

Коментирајќи го растот на цените на енергенсите и инфлацијата и нивното влијание врз работењето на компаниите, Пецовски вели:

„Растот на цените, особено на енергенсите е навистина загрижувачки, бидејќи значително ги зголемуваат трошоците на производството, а тоа како домино ефект врши притисок врз крајните цени на производите. Дополнително, сево ова влијае и на стабилноста на странските валути, што директно нѐ тангира како извозно ориентирана компанија. Но, ситуацијата која е полна со предизвици мора да ја прифатиме како реалност и да ја менаџираме“.

Во делот на прогнозите за промените и перспективите за развојот на светската економија и ризиците што тие промени ги носат за македонските извозни компании, Пецовски е дециден дека во услови на голема неизвесност и брзи промени во светски рамки кои значително влијаат на пазарните движења, од клучно значење за македонските компании е нивната флексибилност и подготвеност за воведување брзи промени во своето работење.

Во интервјуто тој се осврнува и на создавањето поволна бизнис клима во земјата за која вели дека е континуирана обврска и одговорност на сите чинители во општеството, почнувајќи од државните институции, правосудните органи, граѓаните и нивните организации и секако на самиот бизнис сектор.

„За подобрување на бизнис климата од исклучително значење е тесната соработка помеѓу приватниот и јавниот сектор. Само преку дијалог помеѓу овие два чинители може да се донесат вистински решенија од кои ќе произлезат придобивки и за приватниот и за јавниот сектор“, заклучува Пецовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кристал 1923 со намалена добивка во првите девет месеци

Редакција

Грчката авиокоманија „Ејџијан Ерлајнс“ во зимската сезона ќе го намали бројот на летови на линијата Атина – Скопје

Редакција

„Саудиа ерлајнс“ регрутирa кандидати од Македонија

Редакција