По трагедијата која што се случи денеска во скопски Карпош и која ја потресе јавноста, откако мајка со дете во рака скокна од зграда во станбениот комплекс Алумина, на социјалните мрежи се огласи Александар Стојаноски, брат на починатата жена и вујко на девојчето.
Неговиот статус, кој самиот бара да биде споделен, го пренесуваме во целост:
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство.
Денес потфрли МВР, социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем…
После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, Ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да оди во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … Вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам,“ пишува Стојаноски на Фејсбук.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Трагедија го потресе Карпош: Мајка со дете во рака скокнала од зграда
МВР го потврди трагичниот настан во Карпош, но без детали за жената и детето
Фото: Unsplash














