Стапи во сила новата Уредба за квалитет на течните горива, со која се воспоставуваат прецизни стандарди за квалитет на течните горива, поголема сигурност за потрошувачите, фер услови за компаниите и поуреден домашен пазар, информираа од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини
Со новата Уредба се воспоставуваат јасни и современи правила за тоа какви течни горива можат да се пласираат на домашниот пазар, како се утврдува нивниот квалитет и како ќе се следи неговото почитување.
-За граѓаните, ова значи поголема сигурност дека горивата што ги користат ќе ги исполнуваат пропишаните стандарди за квалитет, а преку јасно утврдени правила и механизми за контрола дополнително се зајакнува заштитата на потрошувачите, велат од таму.
Со неа детално се уредуваат видовите и карактеристиките на течни горива што можат да се пласираат на пазарот, начинот на утврдување на квалитетот, постапката за следење на квалитетот, како и обврските на сите учесници на пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт.
-Особено значајно е што новата регулатива воспоставува еднакви правила за сите учесници на пазарот, со што се намалува просторот за злоупотреби и нелојална конкуренција. На тој начин компаниите што работат согласно законските прописи добиваат пофер и попредвидливо деловно окружување.
Дополнително, примената на повисоки стандарди за квалитет на течните горива ќе придонесе и за намалување на штетните емисии во животната средина, што претставува важен чекор кон почиста животна средина и поодржлив енергетски сектор, велат од таму.
Уредбата е донесена согласно член 257 став (1) од новиот Закон за енергетика, на предлог на Министерството.
Фото: Унсплеш














