„Воодушевени сме и горди што нашиот проект #РамкаЗаПомош поттикна размислување и дискусија за одржливата иднина на нашиот матичен регион Југоисточна Европа, а дополнително, најдовме и компании кои ќе помогнат да се постигне оваа цел.
Проектот покажа дека не недостасуваат луѓе со одговорен и далекусежен начин на размислување и луѓе кои со своите постапки се трудат да обезбедат поквалитетен живот. Судејќи според идеите и иновативноста на компаниите кои учествуваа во проектот, нема од што да се плашиме за одржливата иднина,“ потенцираше извршниот директор на НЛБ, Блаж Бродњак при објавувањето и честитањето на регионалните победници на проектот: ANTEJA ECG svetovanje d.o.o. од Словенија, Montex Elektronika од Црна Гора и Smart Watering Solutions d.o.o. од Србија, информираат од Банката.
Дури 300 компании учествуваа во проектот #РамкаЗаПомош, со кој НЛБ Групацијата бараше одржливи решенија за предизвиците на иднината. Меѓу нив, жирито од прво ниво најнапред избра 10 финалисти од секој пазар каде што работат нашите банкарски членови, а меѓународното стручно жири потоа ги избра тројцата најдобри меѓу нив.
НЛБ Групацијата подготви спонзорски средства во износ од 100.000 евра за тројцата регионални победници (најдобриот проект ќе биде награден со 50.000 евра, второпласираниот проект со 30.000 евра и третопласираниот со 20.000 евра), додека консултантската куќа Deloitte им обезбедува 8 часа бесплатни професионални совети за успешно воведување на одржлив бизнис во стратешките и оперативните процеси на компанијата.
Кои се компаниите кои ќе ја реализираат својата визија со помош на НЛБ Групацијата?
Montex Electronics: Модерна технологија за справување со закани од пожари
„Заштитата на шумите од пожари е предизвик за секоја земја. Црна Гора не е исклучок, секоја година се соочува со големи штети од пожари“, велат од компанијата Montex Electronics кои решиле да направат нешто околу ова прашање.
Така, врз основа на истражувања почнале да бараат решение за спречување на ризиците од пожари и намалување на нивните последици, па ја изработуваат Mokos (Мокос) платформата за рано откривање на пожари и навремено известување на надлежните служби преку активен центар за мониторинг.
Проектот е вграден во опкружувањето и истиот ја обединува и координира работата на неколку служби и граѓани кога ќе се пријави потенцијален пожар.
Smart Watering Solutions: Фокусирани на потрошувачката на вода и производството на храна
Српската компанија Smart Watering Solutions ги насочи своите напори за одржлива иднина кон одржливото производство на храна, конкретно кон развој на автоматизирани системи за наводнување кои работат со помош на сензори и мобилна апликација, а освен што придонесуваат за снабдување со храна, тие исто така обезбедуваат заштеда на потрошувачката на вода. Проектот има регионално влијание врз одржливоста на земјоделството, а производот што се развива има потенцијал да се пробие на глобалниот пазар.
ANTEJA ECG: Решението лежи во циркуларната економија, при што клучот е вештачката интелигенција
Словенечката компанија ANTEJA ECG разви Генератор на синџири на вредност (VCG.AI) кој користи вештачка интелигенција и големи податоци за создавање нови синџири и поврзување на засегнатите страни во регионот и пошироко.
„VCG.AI спаѓа директно во областа на циркуларната економија, бидејќи ги поврзува протокот на материјали, суровините, полупроизводите и отпадот на влез и излез помеѓу засегнатите страни во различни индустрии и на овој начин гради одржливи синџири на вредност“, велат тие.
Со нивното решение тие сакаат да обезбедат 30.000 тони помалку емисии на CO2 и повеќе од 100.000 тони помалку отпад за пет години.
„Иноватори и визионери како вас не им се потребни само на компаниите, туку и на целиот регион и на целиот свет. Среќни сме што можеме барем малку да придонесеме за да ги промовирате и реализирате вашите идеи. Уште еднаш, честитки на сите финалисти и победници“, додаде извршниот директор на НЛБ.
Кои беа членовите на жирито кои ги открија гигантите на иднината?
Меѓународното стручно жири кое ги избра трите победнички проекти, беше составено од експерти од поширокиот регион, со долгогодишно искуство и достигнувања како во областа на претприемништвото, така и во областа на одржливоста. Повеќе за членовите на меѓународното стручно жири и нивното деловно патување на веб-страницата на проектот #РамкаЗаПомош.
„Чест ми е што имав можност да работам со другите членови на жирито. Бев изненадена од храброста, креативноста и длабокото разбирање на еколошките и социјалните прашања на кои се осврнаа сите 60 финалисти на #РамкаЗаПомош.
Многу проекти заслужуваат поголемо внимание од јавноста, инвеститорите и бизнис заедницата. Апликациите покажаа колку претприемачите имаат страст за решавање на предизвиците на нивниот регион, како и колку нивната иновација може да придонесе за другите региони“, објасни Мојца Маркизети, една од членовите на жирито по евалуацијата.
„Годинешното мото на НЛБ Групацијата беше „Го бараме новиот Тесла!“ За мене, ова значи дека човек може значајно да одговори на неколку предизвици со едно решение. Исто така значи дека страста на претприемачот можеби нема да биде целосно разбрана од повеќето или дури и сите негови колеги на почетокот, а бизнис решението можеби неценето од јавноста.
Сепак, претприемачот продолжува по својот пат со динамика и фокусираност. За некој таков, начинот на размислување „надвор од кутијата“ не е доволно добар – мора да прифатите пристап „без кутија“ и да се претворите од визионер, во лидер, трендсетер.
Бидејќи и самата сум иноватор и знам какво е чувството, им честитам на сите апликанти и искрено им посакувам среќа и бескрајно многу мотивација на нивниот пат кон реализација на нивните идеи. На светот му требаат вашите идеи и решенија“, додаде таа.
Финалисти во Македонија
Феро Инвест– производство на возила за собирање на отпад на електричен погон и на погон на хидроген. Сите возила се со нула штетни емисии во атмосферата.
Еко солар – примена на соларна енергија во агросектор, хибридни сушници за овошје и зеленчук.
АПМДД – PowerWheel, единствен и иновативен производ кој им обезбедува на корисниците да напојуваат електричен уред од тркалањето на уредот.
Термо Модулар – иновативна технологија за лесен перлитен бетон со силни и конкурентни карактеристики за енергетски ефикасна градба.
Грин ИТ – Challenger@work, мобилна апликација со веб платформа. Компаниите добиваат алатка со која ги мотивираат вработените да практикуваат одржливи навики, а преку платформата компаниите добиваат директна визуелизација колку и како вработени придонесуваат кон заштита на животната средина.
Алтернатор Стојан – „генератор за електрична енергија HHO“ кој има за цел да произведе електрична енергија за помалите индустриски капацитети и за домаќинствата.
Агро Гавро – унапредување на постоечка дистрибутивна мрежа и продажба на биоѓубрива и биостимулатори произведени под брендот „Биовитал“ во Преспа како единствени производи од овој вид во земјата. Шест еколошки видови производи се подготвуваат, истражуваат, тестираат во најсовремена лабараторија.
Проефект Иново – проект Балкански Младински Мозаик. Креирање на регионален социјално претриемнички модел на производство на мозаици со користење на скршени керамички плочки како влезен ресурс и работно ангажирање на невработени млади без вештини (NEETs) и други марганализрани групи.
ИТ Иноватионс – иновативно и ефикасно образование преку игра за намалување на CO2 емисиите, на локално и глобално ниво, заштита на животната средина, климатските промени, одржливиот развој и еколошки свесно живеење.
Органик хом – производство на жива, органска козметика која се произведува на ниски температури, односно се користи малку електрична енергија. Спакувана во иновативна амбалажа која се класифицира како Zero Waste козметика.